Разединета партија, раскарани сопартијци – сигурен „рецепт“ за одење во опозиција

Разединета партија, раскарани сопартијци – сигурен „рецепт“ за одење во опозиција

Пишува: Зоран Милошески

На нешто помалку од 150 дена пред локалните избори, сигурно е само едно – дека на нив, улогата на фаворит ја има Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Кажаното не е произлезено од навивачки побуди, туку од чиста логика: партијата која ја има апсолутната власт во државата, во чии раце се наоѓаат и „морковот и стапот“, и да сака не може да побегне од фаворитската улога.

Во пресрет на изборната трка, актуелната состојба на политичката сцена во Прилеп во многу што потсетува на локалните избори од 2005 година. Тие избори кои беа од исклучителна важност, бидејќи со мандатите на новите градоначалници започна процесот на децентрализација, СДСМ ги изгуби. Ама не ги изгуби од ДПМНЕ, туку од самиот себе.

Изгуби поради себичноста, самобендисаноста и политичкото слепило на неколкумина кариеристи, кои не можеа да ја видат големата слика и огромните можности кои ги нудеше децентрализацијата. Процес со кој локалните самоуправи од „англиски кралици“ прераснаа во „држави во држава“.

Во походот за рушење на тогашниот градоначалник на Прилеп и кандидат за нов мандат, „крстоносците“ нишанеа во Сашо Пирганоски, ама ја погодија Општинската организација. Она што потоа следуваше беа 12 години во тешка опозиција, кои партијата ја вратија 112 чекори назад. Заради суетите на поединци, илјадници членови и приврзаници на социјалдемократската идеја повеќе од една деценија како глинени гулаби беа оставени на отстрел на партиските егзекутори на Марјан Ристески и ДПМНЕ, инсталирани во секоја институција, во секоја пора на општественото живеење.

Денес, 16 години подоцна, исполнети се сите услови за слично сценарио: СДСМ vs ДПМНЕ, независни советнички листи и кандидати за градоначалници, срамежлива најава за лов на вештерки во сопствените редови…

И по сето искуство, по толку години залудни обиди за враќање на власт, “комуњарите“ не научија дека не постојат такви проекти реализирани од централната или локалната власт, кои можат да го покријат неединството, лицемерието и меѓусебните подметнувања на партиските “другари и другарки“. Исто како што и калкулантскиот однос и играњето на картата на незамерување со политичкиот противник, како и помислата дека со тоа некој ќе остане недопрен од „долгата рака на ВМРО“, се чиста илузија.

Ако СДСМ ги изгуби изборите, во првата недела ќе се случи масовна чистка и брутална смена на се’ што може да биде сменето. Нема да биде поштеден ниту еден директор или раководител, никој кој што на било каков начин асоцира на сегашната власт. Оти, освен незначителните „козметички“ измени, ДПМНЕ е истата онаа партија од пред 4 години, чија ментална матрица функционира по сосема други правила и принципи, кои немаат премногу допирни точки со фер плејот и разумното владеење.

Ова не го кажувам од позиција на гаталец, ами на паталец, кој на своја кожа ја почувствувал бескрупулозноста на ударните тупаници на продолжувачите на традицијата на злосторничкото здружување. Затоа, никого да не го лаже умот дека мицковци ќе му прогледаат низ прсти, дека ќе му простат за несторените гревови и дека, конечно, да се биде власт или опозиција е исто или „тука некаде“. Ни случајно!

Факт е дека социјалдемократите и нивните коалициски партнери не ги оправдаа до крај (пре)големите очекувања на граѓаните. Постојат низа објективни и субјективни фактори кои можат да ја ублажат, но не и целосно да ја елиминираат вината за изневерените надежи.

Генерално, има два „смртни гревови“ кои одат на контото на партијата на Заев: спората правда и неказнивоста на локалните екс функционери на ДПМНЕ, како и лошата кадровска политика на владејачката гарнитура, односно неменливоста на неспособните и корумпирани функционери од сопствените редови.

Неспорно е дека последната година-две состојбите во правосудството се придвижија од мртвата точка, пред се’ заради изречените пресуди против членовите на поранешната врхушка на ДПМНЕ. Малкумина останаа недопрени од правдата, најмногу заради долгометражните судски процеси чие завршување се очекува до почетокот на есента. Што ќе рече дека Миле Јанакиески, Антонио Милошоски, Илија Димоски… се следните чии имиња ќе бидат прочитани во судница, заедно со „насловот“ на пресудата: „…виновен затоа што…“.

Од друга страна, за „олеснителна околност“ може да се земе тоа дека воопшто не е лесно да се „размонтира“ систем граден 11 години, темелен на криминал, мито, корупција, квазипатриотизам, страв, рушење на човечкото достоинство и заробена слобода.

Се чини дека вториот „грев“ остава подлабоки траги отколку првиот. Лошата кадровска политика отсекогаш била камен околу вратот на сите досегашни партиски раководства. Челниците од „Бихаќка“ како да не сакаат да разберат дека на луѓето им се смачи со години да гледаат едни те исти извикани и ислужени фаци, парадери и саморекламери кои во својата маратонска политичка кариера единствено ги менувале луксузните кабинети, скапите чевли и сакоата со шамивче во џебот. Нивната ароганција, дилетантизам и непрофесионален однос кон функцијата која ја добиле само заради упорното „дремење“ пред кабинетите во кои се кројат кадровските политики, не се смениле на подобро ниту за центиметар. А не се подобриле, оти толку ги бива. Или поарно кажано – оти до толку не ги бива!

И покрај ваквата очајна и безидејна опозиција, на владејачката СДСМ работата не и’ е баш за машала. Затоа, час поскоро, веднаш после завршувањето на пропишаната постапка, на иста маса треба да се најдат највисокото централно партиско раководство, раководствата на општинските организации и евидентираните кандидати за градоначалници. Тука да се кажат имињата на избраните кандидати и тука да завршат сите понатамошни полемики и меѓусебни дискредитирања.

Оти, гласачите сакаат да се сретнат и да разговараат со кандидати на обединети политички субјекти. Забележат ли било каква разединетост и внатрепартиско разногласие, градоначалничката фотелја ќе остане само пуста желба, без разлика на името на кандидатот.

Тоа е единствениот пат кон освојување, односно зачувување на локалната власт. Сите други патишта водат во обратна насока – во опозиција!

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …