РЕК Битола доби А-интегрирана дозвола, за намалување на загадувањето треба да инвестира 157 милиони евра

РЕК Битола доби А-интегрирана дозвола, за намалување на загадувањето треба да инвестира 157 милиони евра

РЕК Битола конечно доби А-интегрирана дозвола. Министерството за животна средина веќе го објави документот кој предвидува многу активности за заштита на воздухот, водите и почвата во околината на енергетскиот комбинат. РЕК Битола е еден од главните загадувачи што користи фосилни горива за производство на електрична енергија и кој досега работеше без усогласен оперативен план и обврски за заштита на животната средина кои мора да ги почитува.

Од Министерството информираат дека РЕК Битола на почетокот на месецов доби А-интегрирана дозвола, а како дел од дозволата е изработен и оперативен план што предвидува активности кои ја усогласуваат работата на овој енергетски капацитет со новата директива за индустриски емисии.

„Генералните политики на Владата и на Министерството се да ги насочува активностите на индустриските капацитети кон користење на поеколошки горива и енергија добиена од обновливи извори“, велат од Министерството.

Главната и најскапата активност предидена во оперативниот план на А-интегрираната дозвола на РЕК Битола се однесува на намалување на емисиите на сулфур и прашина во воздухот и чини 145 милиони евра. Десулфуризацијата треба да се постигне во две фази, преку намалување на прашината со реконструкција на електростатските филтри и замена на вентилаторите и каналите за димни гасови, што е проценето дека би чинело 21 милион евра и со намалување на сулфурните оксиди преку изградба на постројка за десулфуризација, што би чинело 122 милиони евра. Рокот за завршување на првата активност е 2025, а за втората 2026 година.

Според дозволата, граничните емисии во воздухот од оџаците на РЕК треба да опаѓаат до 2026 година. Концентрациите на сулфур за 2023 година се лимитирани на 400 микрограми на кубен метар, а во 2026 треба да паднат на 200. Истото се однесува и за азотните оксиди кои треба да паднат од 500 на 200 микрограми на кубен метар, додека за јаглеродниот моноксид утврдената граница е 100. ПМ честичките и прашината се ограничени на 50, односно 20 микрограми за 2026 година. Енергетскиот капацитет е должен и во рок од шест месеци од издавањето на дозволата, да воспостави План за управување со прашина.

Во моментов, велат од Министерството, РЕК има електростатски филтри, но нивната ефикасност е многу намалена, а како една од позитивните работи што ја оценуваат е фактот дека оџаците имаат висина од 250 метри, што е според најдобрите практики во моментот.

Екологистите, пак, сметаат дека најголемиот дел од инвестициите во РЕК не требале да чекаат дали капацитетот ќе добие дозвола или не, туку и досега требало поактивно да се работи на намалување на емисиите, во рамки на најдобро достапните практики.

„Енергетските инсталации не смеат да работат без контрола на емисиите, без филтри или десулфуризатор. Тие инвестиции морале да бидат направени одамна, минимум се филтрите за прашина. Бидејќи парите кои не се инвестираат во заштита од загадувањето од РЕК, се даваат многукратно повеќе во јавното здравје, за лекување на луѓето“, велат од „Еко свест“.

Екологистите се децидни дека РЕК Битола во 2027 година треба да се затвори и дека Стратегијата за енергетика е јасна. Зеленото сценарио предвидува јаглеродна такса, која не можеме да ја избегнеме, бидејќи или ќе ја воведеме сами или ќе ја воведе Европската унија за нашите компании кои ивезуваат на европскиот пазар. Со тоа, сметаат, работата на овој капацитет ќе биде наисплатлива, а енергијата премногу скапа.

„Нема потреба да го чекаме тој момент, треба самите да го затвориме РЕК како што предвидува зеленото сценарио. Граѓаните од битолскиот регион доволно страдаа од загадувањето“, велат од оваа организација.

Целиот оперативен план предвидува дваесетина активности, од кои само неколку се обележани како завршени. Главните проекти за намалување на загадувањето од енергетскиот капацитет се предвидени за следните две години, а вкупните инвестиции би чинеле околу 157 милиони евра.

Од АД ЕСМ велат дека вкупните инвестиции за сите проекти кои се предвидени во А-интегрираната дозвола чинат 251 милиони евра, а од нив досега се инвестирани 94 милиони евра. Останатите 157 милиони треба да се реализираат до крајот на 2025 година.

„Оперативниот план беше подготвен од 2007 година, а во периодот до 2018 година немаше никакви поместувања во врска со ова прашање заради што беше неопходно да се ревидира планот и тоа беше направено во 2019 година. Во дозволата за усогласување со оперативен план предвидени се инвестиции што се однесуваат на спречување на распрашување на депонијата за пепел, рекултивација на површинскиот коп и одлагалишта за јаловина и депонијата за пепел, оформување на заштитна зона со високо стеблеста шума, редовни активности за управување со отпад, примарна десулфуризација, односно генерално инвестиции во насока на поголема заштита на животната средина“, информираат од подружницата на АД ЕСМ во Битола.

Една од повисоките инвестиции која ја предвидува оперативниот план, покрај филтрите и десулфуризаторот, е и спречувањето на распрашувањето на депонијата за пепел што треба да чини 2,1 милиони евра и да се заврши до крајот на 2024 година. РЕК се обврзува до 2025 година да ги намали и фугитивните емисии на јагленова прашина во одлагалиштето за јаглен и дробилките. Додека да се постави постројката за десулфуризација до 2025 година се предвидуваат повеќе активности како намалување на работната температура на котелот, додавање на адитиви во процесот на согорување на лигнитот и други што ќе чинат 360.000 евра. Документот нотира дека една од повисоките инвестиции, ревитализација и модернизација на парните котли е веќе завршена за двата блока, за кои се дадени 60 милиони евра, а во тек е за последниот блок, за кој ќе се инвестираат уште 30 милиони евра.

Предвидено е до 2024 година и да се одредат места за складирање на разни видови на отпад и оформување на санитарна заштина зона околу поширокото подрачје на РЕК со подигнување на високо стеблеста шума. Ова, пред сé, се однесува на подрачјето на западната граница кон земјоделските површини и околните населени места. До 2024 година е предвидена и изградба на заштитен базен за буриња со употребено моторно масло за прочистување, бидејќи сега складирањето на бурињата е несоодветно.

А-интегрираната дозвола предвидува и во рок од шест месеци од издавањето на дозволата комбинатот да воспостави Систем за управување со животната средина, Програма за управување со животната средина, План за управување со отпад, Програма за комуникација со која ќе се  безбеди пристап на јавноста до информациите кои се однесуваат на состојбата со животната средина, а во рок од 18 месеци и Студија за присуство на тешки метали во подземните води.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …