Рекорден број запишани студенти на ФИНКИ, младите знаат дека ИТ индустријата носи добра работа после студиите

Рекорден број запишани студенти на ФИНКИ, младите знаат дека ИТ индустријата носи добра работа после студиите

Претседателот на Влада на Република Македонија Зоран Заев и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска, се обратија на првиот свечен академски час за новите студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде оваа година се пријавија рекорден број од 933 заинтересирани студенти, или 13% повеќе од минатата година.

Во своето обраќање, премиерот Заев рече дека големиот интерес за упис на овој факултет и рекордниот број запишани студенти, меѓу другото е и заради извонредниот наставно-научен кадар на овој факултет.

„Информатичката технологија е една од најбрзо растечките индустрии во светот и во Македонија. Младите тоа го знаат и затоа се насочуваат кон оваа област со надеж за подобра работа по завршувањето на студиите“, истакна премиерот Заев.

 

На овој прв академски час новозапишаните студенти на ФИНКИ, ќе имаат прилика да добијат квалитетно високо квалитетно и инспиративно образование.

„Професорите, асистентите и сите останати се максимално посветени да ви пружат посветена и индивидуална поддршка на вас студентите, за да ви обезбедат квалитетно образование, но и да ве поттикнат и самите да истражувате и да ги откривате без граничните можности на компјутерската наука. Многу важно и корисно е што овој факултет ви овозможува постојан контакт со информатичката индустрија, со развојот и технологијата и со дигитализацијата“, нагласи премиерот Заев

Претседателот на Владата на РМ Заев, во своето обраќање потсети дека на почетокот на септември Владата на Република Македонија и Фондот за иновации доделија финансиска поддршка за отворање три бизнис акцелератори за млади претприемачи и иноватори. Еден од тие акцелератори е Деловно-технолошки акцелератор „УКИМ“ во Скопје, кој ќе биде сместен тука на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

„Оваа иновација во поддршката на младите луѓе како вас, кои поседуваат креативни бизнис идеи, ќе понуди можност и поддршка за развој на старт ап компании кои ќе носат профит. Тоа ве прави учесници во развојот на македонската економија и создава услови да го дадете својот придонес во подобрувањето на животниот стандард на сите граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во своето обраќање рече дека Министерството во моментов активно работи на повеќе проекти кои имаат заедничка цел, а тоа е целосно дигитализирана Македонија.

„Тоа го правиме во соработка со бизнис секторот, со граѓанскиот сектор, и секако со академската заедница, односно со дел од вашите професори, а многу често тоа значи и заедно со вас. Дигиталниот Самит што се одржа во Скопје пред неколку месеци, беше место каде студентите од овој факултет се претставија со свои иновативни решенија и пронајдоци пред публика од целиот регион и Европа“, рече Манчевски, и укажа на проектот- Младинска гаранција, со што се предвидува квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, прекфалификации, стажирање или практикантство на младите.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …