Робертсон, Солана, Ле Роа, Ишингер и Гелбард како „Група Охрид“ ќе помагаат за ЕУ и НАТО

Робертсон, Солана, Ле Роа, Ишингер и Гелбард како „Група Охрид“ ќе помагаат за ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев денеска на заедничка прес-конференција со поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон, ја промовираше „Групата Охрид“ за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ

– Во оваа група има членови кои ставија печат со нивната дипломатска кариера и дадоа поддршка за нашите напори за изградба на демократска, стабилна и просперитетна држава. Тие се тука да го поддржат нашето членство во ЕУ и НАТО – рече Заев.

Во групата, освен Џорџ Робертсон, се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати како Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон и Зоран Чичак.

Робертсон посочувајќи дека поминале 17 години, откако последен пат се обратил на прес-конференција во Македонија, истакна дека името „Група Охрид“ е избрано, бидејќи тој град има големо значење за земјата, со оглед на тоа дека таму е потпишан Охридскиот договор, но исто така тоа е и град заштитен од УНЕСКО.

Тој потсети дека 11 пати заедно со Солана ја посетиле земјава и биле сведоци на потпишувањето на Охридскиот договор.

– Земјата, која беше на работ на граѓанска војна, стана земја која тропна на европските врати и ја разбра потребата за подобра иднина – рече Робертсон и додаде дека оваа група нема да се меша во внатрешната работа на земјата, ќе ги советува Владата и министрите, но ќе биде достапна и за опозицијата и претседателот на државата.

Робертсон, исто така кажа дека решението за спорот за името со Грција ќе го остави на двете држави и дека нема да се меша во одлуката.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …