Запорожје нуклеарна централа

Украинско МНР: Русија е единствената држава во светот која се обидува да украде нуклеарна централа

Ги повикуваме нашите партнери да го зголемат притисокот врз државата агресор, вклучително санкциониот притисок во областа на нуклеарната енергија, со цел да се спречат понатамошни провокации од страна на Русија во АЕЦ Запорижја и да се олесни ослободувањето на централата, се додава во соопштението на украинското МНР

Одговорните во Министерството за надворешни работи на Украина, денеска реагираа во врска со повторните руски провокации во централата во Запорижја. Оттаму велат дека единствен извор на закани за АЕЦ Запорижја биле и останале незаконските и злосторни дејствија на руските напаѓачи.

„Русија е единствената држава-терорист во светот која не само што зазема, милитаризира и се обидува да украде нуклеарна централа, туку ја користи и како платформа за пропаганда. Токму во тој контекст треба да се разгледа и кампањата за дезинформации што ја активираше рускиот режим“, наведено е во соопштението од Министерството.

Во него се додава дека заземањето, милитаризацијата и тековната окупација на АЕЦ Запорижја од страна на Русија создава невидени закани за нуклеарната безбедност не само на Украина, туку и на целата Европа и светот.

„За време на нивниот нелегален престој на станицата, руските окупатори грубо го прекршија меѓународното право, како и нормите и стандардите за нуклеарна и радијациона безбедност, вклучително и основните принципи на МААЕ во врска со нуклеарната безбедност и заштитеност“, се додава.

Од украинското МНР повторно инсистираат АЕЦ Запорижја да биде вратена под контрола на нејзиниот вистински сопственик, Украина, а Русија, како што се вели, да биде изнесена пред лицето на правдата за сите извршени злосторства.

„Се обраќаме до сите држави и меѓународни организации, експерти и медиуми со повик да заземат цврст став со цел да се неутрализираат заканите за нуклеарната безбедност создадени од Русија во АЕЦ Запорижја и да се спречи агресорот да спроведе злосторни сценарија во иднина. Русија ќе престане со своите манипулации само тогаш кога ќе види дека светската заедница решително ги отфрла сите обиди за заблуда и бескомпромисно го брани почитувањето на меѓународното право“, пишува во реакцијата на МНР.

Оттаму ги повикуваат сите држави и меѓународни организации кои ги ценат нормите и принципите на нуклеарната безбедност одлучно да ги осудат руските провокации во АЕЦ Запорижја и да се приклучат кон спроведувањето на Формулата за мир на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, чија една од важните точки е обновување на нуклеарната и радијационата безбедност.

„Ги повикуваме нашите партнери да го зголемат притисокот врз државата агресор, вклучително санкциониот притисок во областа на нуклеарната енергија, со цел да се спречат понатамошни провокации од страна на Русија во АЕЦ Запорижја и да се олесни ослободувањето на централата“, се додава во соопштението.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Русија не ја уништи армијата на Украина

Русија не ја уништи армијата на Украина

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на …