Русија ракетираше породилиште во градот Вилњанск, загина новороденче

Руските ракетни напади врз украинските градови продолжуваат со несмалено темпо, а изминатава ноќ новороденче во Вилњанск загина откако беше гранатирано породилиштето во овој град од регионот Запорижја, пренесува Гардијан. Украинските регионални власти од Запорижја ги пренесуваат информациите за ракетниот напад, посочувајќи дека ракетите кои паднале врз градската болница го погодиле породилиштето.

„Ноќта окупаторите истрелаа огромни проектили врз малото породилиште на болницата во Вилњанск. Тагата ни ги исполнува срцата – загина новороденче“, се наведува во соопштението на раководителот на администрацијата во Запорижја, Олександр Старух.

И во соседниот Харкивски регион, руските сили изминатово деноноќие го ракетираа градот Купјанск. Погодена е станбена зграда и поликлиника, при што двајца цивили загинаа во нападот, јавува Укринформ. Ракетни напади се регистрирани и во Днипропетровскиот и Херсонскиот регион, но нема информации за загинати и повредени лица.

Борбите во Донецкиот регион и понатаму земаат нови жртви. Во воените дејствија кај градот Бахмут загинал 26-годишниот балетан од Кијивскиот театар Оперета, Вадиум Хлупианец. Во близина на ова населено место во борбите со руските сили претходно загина и познатиот украински спортист Јевхен Колесниченко, пренесува Укринформ. И двајцата загинале борејќи се за одбрана на територијалниот суверенитет на Украина.

Инаку, веднаш по руската агресија на 24 февруари година, Украина им забрани на мажите меѓу 18 и 60 години да ја напуштат територијата на земјата и нареди општа мобилизација на сите регрути и резервисти од целата земја.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе бидат поставени специјални „центри за непобедливост“ низ Украина, кои како локации ќе треба да обезбедат електрична енергија, греење, вода, интернет, мобилна телефонија и аптека. Овие локации низ целата земја ќе функционираат бесплатно и деноноќно.

Ваквата одлука на украинските власти доаѓа откако руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина доведоа до долги периоди со прекини во снабдувањето со струја за 10 милиони потрошувачи во исто време. Националната електроенергетска компанија на Украина вчера соопшти дека штетата била огромна.

„Доколку повторно се случат масивни руски напади и е јасно дека снабдувањето нема да биде обновено со часови, „центрите на непобедливост“ ќе тргнат во акција со сите клучни служби“, изјави Зеленски.

Премиерот на Украина, Денис Шмихал оваа недела изјави дека дневно во Украина се увезуваат 8.500 генератори на електрична енергија за да се ублажат рестрикциите на струја. Инаку, текот на изминатата недела во голем дел од земјата падна првиот снег.

Нападите на Русија врз украинските енергетски капацитети следат по серијата неуспеси на бојното поле, кои вклучија повлекување на нејзините сили од јужниот град Херсон на источниот брег на реката Днипро.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Зошто толку малку Германци живеат во свои четири ѕида?

Во ниту една земја на ЕУ нема толку малку сопственици на свои четири ѕида како …