топлана скопје греење

Руски, азербејџански гас или мазут – на што Скопје ќе се грее претстојнава грејна сезона?

Пазарот на природен гас во Северна Македонија е либерализиран, па затоа трговците на големо самите можат да се договараат од каде ќе набават гас. Вака отприлика би звучел поедноставено одговорот од Министерството за економија на прашањето на Новинската агенција Мета за тоа дали земјата планира увоз на руски гас за претстојната грејна сезона од што зависи загревањето на домовите на десетици илјади семејства во главниот град, како и прашањето ако се набавува од Русија, дали гасот ќе се плаќа во рубљи, како што Москва официјално побара.

„Имајќи предвид дека пазарот на природен гас во Република Северна Македонија е целосно либерализиран, набавката на природниот гас за потребите за производство на електрична енергија или на топлинска енергија е предмет на билатералните договори кои што може да ги склучуваат трговците на големо со природен гас со добавувачи надвор од земјата или гасот да се набавува на некои од регионалните берзи“, е целосниот одговор од Министерството за економија.

По руската воена агресија врз Украина што започна на 24 февруари годинава и воведувањето на економските санкции на меѓународната заедница кон Русија, руските власти одлучија дека од 1 април странските купувачи на руски гас ќе мора истиот да го плаќаат во рубљи. Латвија беше последната европска земја, на која што „Газпром“ ѝ ја прекина испораката на руски гас поради одбивањето на овој енергенс да го плаќа во рубљи.

Русија во изминативе месеци ја прекина испораката на гас за Полска, Бугарија, Финска, Холандија и Данска, кои одбија да го платат за рускиот гас според наредбата на Владимир Путин, кој бараше од купувачите да отворат сметки во рубљи во руска банка како дел од новото решение за плаќање на гасот.

Инаку, Северна Македонија досега беше целосно зависна од увозот од Русија во снабдувањето со природен гас на земјава, којшто пак заедно со алтернативната варијанта – мазутот е енергенсот што се користи за добивање на топлинската енергија во скопските топлани.

Гас од Азербејџан преку интерконекторот во Бугарија можеби в година

Од Министерството за економија побаравме објаснување и дали Северна Македонија ќе може да го користи новиот гасен интереконектор меѓу Бугарија и Грција, преку кој земјава би увезувала азербејџански гас во претстојната грејна сезона.

Од ова министерство објаснуваат дека Европската комисија и Бугарија на состанокот во мај 2022 година во Софија се договориле да ja формираат првата регионална работна група, како дел од Платформата на ЕУ за купување енергија.

„Преку новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас, во која учество зема и земјава – ќе се решаваат регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените, но и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија. Овој проект има за цел увид во потребите за електрична енергија и гас, цените и тековите, како и инфраструктурните аспекти“, велат од Министерството за економија.

Тие додаваат дека регионалната работна група ќе се концентрира на годината што претстои и ќе обезбеди специфична регионална експертиза и знаење за развој и спроведување на акциониот план „REPowerEU“ за намалување на зависноста од рускитe фосилни горива, пополнување на складиштето пред следната зима и дополнително забрзување на декарбонизацијата на енергетскиот сектор.

Таа ќе го поддржи и координира спроведувањето на заедничките планови за подготвеност во регионот, вклучувајќи меѓународно купување, складирање и интерконекции, со што се придонесува за безбедноста на снабдување во регионот, Eнергетската заедница и пошироко.

„Работата на работната група особено ќе се надоврзе на подготовките на Европската комисија за одреден број на сценаријата за енергетски прекин, во тесна координација и солидарност со земјите-членки и меѓународни партнери“, велат од Министерството за економија.

Мета.мк испрати прашања и до државното акционерско друштво Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), кое со трите нови трговски друштва со ограничена одговорност што ќе вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Скопје, беа задолжени од Владата да се пријават на постапката за избор на вршител на енергетска дејност за обезбедување на централното парно греење во Скопје.

Сепак, од АД ЕСМ не добивме одговори на прашањата дали е планирано да се увезува природен гас од Русија за претстојната грејна сезона и дали АД ЕСМ во државна сопственост е согласно да го исплаќа гасот на Русија во рубљи.

Директорот на „Национални енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи пак за порталот „А1он“ деновиве изјави дека добавувањето на природен гас за земјава зависи од руски „Газпром“, којшто има долгорочен закуп на капацитетите што ги има гасниот преносен систем на Бугарија. Нашата земја има гасно поврзување единствено со Бугарија.

Мазутот е опција за греење ако има прекин во снабдувањето со гас

Од Министерството за економија за Мета.мк објаснуваат дека најпрво треба Владата на РСМ да го распише јавниот повик за избор на нова компанија што ќе ги дава услугите за кои досега беше задолжен БЕГ. АД ЕСМ ќе треба да учествува на јавниот повик, а Министерството за економија веќе најави дека во август ќе прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор за да се обезбеди сигурна грејна сезона.

„Со оглед на тоа што на БЕГ производство ДООЕЛ му престана лиценцата за вршење на дејност регулирано производство на топлинска енергија, новиот вршител на дејност кој треба да биде избран по спроведена постапка од страна на Владата, кој треба меѓу другото да ги обезбеди потребните количини на природен гас за потребите за обезбедување на топлинска енергија од постојните вршители на дејност кои согласно Законот за енергетика поседуваат лиценца за вршење на трговија со природен гас и/или снабдување со природен гас“, објаснуваат од Министерството за економија за постапката што ќе следи откако ќе се избере наследникот што ќе ги овозможи услугите кои досега БЕГ им ги испорачуваше на скопјани.

Сепак, од Министерството за економија го цитираат и Законот за енергетика, каде во членот 153 стои дека Регулираниот производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет. Ова значи дека АД ЕСМ преку новото трговско друштво што ќе произведува топлинска енергија во Скопје ќе треба да обезбеди и мазут како алтернативен енергенс за скопските топлани. Добрата вест што доаѓа од светските медиуми е дека цените на нафтените деривати изминативе недели постепено се намалуваат, вклучувајќи ја и онаа на мазутот.

Од АД ЕСМ веќе најавија дека имаат капацитет да ги испорачаат услугите за греење на градот Скопје, што беше евидентно во минатата грејна сезона, кога се презеде кризно менаџирање преку прокуристи од страна на АД ЕСМ кон БЕГ и Скопје Север, по задолжение на Владата на Р. Северна Македонија.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски деновиве изјави дека се спремни да ги преземат и вработените од БЕГ во трите нови компании за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Скопје, коишто ќе функционираат во претстојната грејна сезона.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …