Авион

САД ќе даде оружја вредни милијарди на Израел

Истовремено, Стејт департментот соопшти дека најверојатно веќе има масовен глад во Газа

САД планира да даде оружја вредни милијарди долари на Израел, велат два извори за Гардијан.

Ќе се предадат повеќе од 1800 MK84 бомби кои тежат 900 килограми и 500 MK82 бомби кои тежат 200 килограми, пишува Вашингтон пост. MK84 бомбите се користеле од израелските сили во сегашната војна во неколку бомбардирања со висок број на жртви.

Вашингтон инаку одвојува до 4 милијарди долари годишно од својот буџет за да го финансира воениот буџет на Израел.

Оваа вест доаѓа откако со недели претседателот на САД Џо Бајден и членови на неговата администрација го критикуваат нивниот долгогодишен сојузник Израел за тоа колку напор вложуваат во спречување на хуманитарна криза во Газа. Односно, САД го критикуваше Израел за тоа што не овозможува непрекинат проток на хуманитарна помош во Газа, високиот број на убиени цивили, како и тоа што Израел планира да започне копнена офанзива во градот Рафах, каде е сместено мнозинството од населението на Газа во моментот.

„Ова покажува дека, иако се појавија несогласувања меѓу САД и Израел во врска со војната, администрацијата на Бајден го исклучува предавањето на оружје како начин на влијаење на постапките на премиерот Бенјамин Нетанјаху“, пишува Вашингтон пост.

Дополнително, оваа одлука на САД доаѓа само неколку денови откако се изгласа резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) со која се бараше итно примирје во регионот и  два дена откако Меѓународниот суд на правдата во Хаг му нареди на Израел да не го блокира протокот на хуманитарната помош во Газа.

Истовремено, претставник од Стејт департментот изјави дека најверојатно има масовен глад во некои региони во Газа.

„Можеме со сигурност да кажеме дека постои значителен ризик од глад во јужните и централните подрачја на Газа, но не дека не е присутен. На северот, пак, има ризик од масовен глад и е сосема веројатно дека е присутен барем во некои области“, изјави претставник на Стејт департментот за Ројтерс.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во климатски договор на COP29

Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во климатски договор на COP29

Европската унија, САД и другите богати земји ветија дека ќе дадат рекордни 300 милијарди долари …