САД побараа објаснување од казахстанските власти за повикот на странски сили во земјата

САД побараа објаснување од казахстанските власти за повикот на странски сили во земјата

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја осуди одлуката на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев да се пука без предупредување врз протестантите во земјата. САД побараа објаснување од казахстанските власти за одлуката на Токаев да побара помош од странски воени сили од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ). Русија испрати неколку илјади војници во Казахстан под покровителство на ОДКБ, а ваквиот повик го следеа и Белорусија и други поранешни советски републики.

„Наредбата за пукање за да се убие е погрешна и треба да се укине“, рече американскиот државен секретар Блинкен во интервју за АБЦ-ТВ, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Кога војниците предводени од Русија почнаа да пристигнуваат во Казахстан во четвртокот, САД ги предупредија да не преземаат контрола над казахстанските институции.

„САД и светот ќе внимава на секое кршење на човековите права“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

„Се надеваме дека владата на Казахстан наскоро ќе може да се справи со проблемите кои се фундаментално економски и политички по природа“, додаде Прајс, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше во четвртокот со министерот за надворешни работи на Казахстан Мухтар Тилеуберди во врска со тековната вонредна состојба, се вели во изјавата на портпаролот на Стејт департментот Прајс. Блинкен ја повтори целосната поддршка на САД за „уставните институции на Казахстан и слободата на медиумите и се залагаше за мирно решавање на кризата со почитување на правата“, рече Прајс.

Казахстанскиот претседател Токаев претходно рече дека руските „мировни трупи“ се во земјата на негово барање на привремена основа за да се обезбеди безбедност. Освен дека бранат „стратешки објекти“ во Казахстан, што поточно прават овие странски сили во Казахстан останува непознато.

Би-би-си преку својот известувач од главниот град Нур-Султан појаснува дека огромните нереди во Казахстан се мешавина од битката за надмоќ во самиот врв на политичката елита, во комбинација со високата невработеност на млади лица кои ја формирале агресивната маса.

Апсењето на Карим Масимов, поранешниот шеф на тајните служби и близок соработник на претходниот лидер Нурсултан Назарбаев е пример за ваквата борба за превласт, пишува Би-би-си. Во екот на протестите, актуелниот претседател Токаев го отстрани Назарбаев од последната функција што му преостана – претседател на Советот за безбедност на Казахстан.

По речиси 30 години владеење, Назарбаев во 2019 година отстапи од претседателската функција, предавајќи му ја власта на Касим-Жомарт Токаев. Сепак, Би-би-си пишува дека борбата за превласт не мора да е нужно помеѓу нив двајцата, туку помеѓу високо позиционирани лица во казахстанската политичка елита.

Во нередите што започнаа на 2 јануари во Казахстан досега загинаа 164 лица, над 2.200 лица беа повредени, а безбедносните служби уапсија над 5.800 лица во земјата. Овие податоци се објавени и потврдени единствено од казахстанските официјални власти.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …