руска војска

САД: Повеќе од 20.000 Руси загинале во Бахмут за пет месеци

Вкупниот број на убиени и ранети руски војници во борбите за освојување на Бахмут, тајните служби на САД го проценуваат на преку 100.000.

Во битката за градот Бахмут, според проценки на американските тајни служби, се убиени повеќе од 20.000 руски војници, од кои половината се припадници на руската платеничка група Вагнер. Како што изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби во понеделникот во Вашингтон, најголем дел од овие платеници биле руски затвореници – криминалци, испратени во војна без доволна воена и борбена обука. Наводите не можат да бидат независно проверени.

Вкупниот број на убиени и ранети руски војници во борбите за освојување на Бахмут, тајните служби го проценуваат на преку 100.000, изјави Кирби, кој не даде податоци за загубите на украинска страна.

Началникот на генералштабот на армијата на САД, Марк Мајли во ноември минатата година зборуваше за многу повеќе од 100.000 убиени или ранети руски војници во првите месеци од воениот конфликт, со дополнување дека веројатно истото важи и за украинската страна.

14 месеци по инвазијата врз Украина, а вклучувајќи го и во 2014 година веќе анектираниот црноморски полуостров Крим, Русија контролира околу една петтина од украинската територија. Бахмут со месеци е на удар на напади на руската армија и на платеничката група Вагнер, кои во меѓувреме контролираат околу 85 проценти од малиот град во источниот дел од земјата.

Стратешката вредност на освојувањето на Бахмут од страна на Русија е мала и нема да значи промена на текот на војната во корист на Москва, изјави Кирби. „Напорите на Русија, првенствено во Бахмут, се поврзани со многу, многу висока цена“, истакна Кирби, според кого руските залихи на муниција се истрошени, а трупите се исцрпени, додека украинската одбрана во околината на Бахмут останува и натаму силна.

На голем недостиг од муниција повторно се пожали и шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин. За борбите во Бахмут се потребни околу 300 тони артилериски гранати дневно, а групата Вагнер добива само една третина од оваа количина, критикуваше Пригожин на неговиот канал на Телеграм. Пригожин зачестено доаѓа во судир со владата во Москва поради негово несогласување околу начинот на водење на војната во Украина и според негово убедување, недоволна поддршка на неговите борци.

Прочитајте повеќе

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

По повеќедневни поројни дождови, планински автопат се урна во јужна Кина. Најмалку 19 лица загинаа …