Американски борбен авион вчера собори неидентификуван летечки објект над Алјаска, по наредба на претседателот на САД, Џо Бајден, соопштија од Белата куќа.
Објектот летал на околу 12.200 метри височина и претставувал „разумна закана“ по безбедноста на цивилните летови, соопшти портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби.
Според неговите зборови, објектот бил со големина на помал автомобил и е соборен во близината на американско-канадската граница.
Ова е вторпат во една недела по наредба на американските официјални лица да е соборен некој вид летечки објект над САД.
Минатата недела, борбени авиони со проектил соборија кинески балон во водите на Атланскиот океан во билизина на брегот на Јужна Каролина, откако ова наводно шпионско летало, доаѓајќи од насока на Тихиот окенан ја прелетало целата континентална област на САД.
Кирби рече оти не знае кому му припаѓа неидентификуваниот летечки објект кој беше соборен над Алјаска, и дека тоа повтпрно бил балон.
Претставниците не знаеа да кажат ни дали имал опрема за надгледување, а Кирби не знаеше од каде дошло и која била намената на леталото.
Агенцијата Асошиејтед прес укажува дека сепак постоела доволна причина за загриженост и оти американските официјални лица одлучиле да го симнат од небото.
„Ќе останеме будни во врска со нашиот воздушен простор. Претседателот има обврска да ги штити нашите национални безбедносни интереси како врвен приоритет“, рече Кирби.
Според неговите зборови, пилотите во борбените авиони визуелно утврдиле дека објектот е без пилот, а Бајден вчера вечерта е известен за неговото постоење и оти го забележале два борбени авиона.
Соборениот објект паднал во студените води на океанот и претставниците сметаат дека неговите остатоци ќе бидат полесно извадени од вода отколку деловите на огромниот балон чии делови сѐ уште се собираат.
Како и кинескиот балон, и вториот објект паднал во вода. За време на соборувањето на балонот воените претставници воделе сметка тој да не падне на земја, плашејќи се од последици за населението.
Кина тврди дека балонот не бил никакво шпионско туку метеоролошко летало кое загубило контрола.