Господине Радев, преговараме со ЕУ, не со Бугарија

Господине Радев, преговараме со ЕУ, не со Бугарија

Пишува: Сотир Габелоски

Иако постојано мета на Бугарија и нејзините анти-западни ставови, Македонија на дело покажува мирољубивост, отвореност и капацитет за демократија. А време беше да покажеме и достоинство.

И додека бугарскиот претседател Румен Радев за дневно-политички придобивки вели дека, де факто, Македонија е под вето од Бугарија, Комитетот на министри на Советот на Европа носи Резолуција со која констатира дека во Македонија нема дискриминација на националните малцинства. Додека Радев бара европска поддршка за мониторинг на процесот(?) на заштитата на бугарското малцинство во Македонија, самата Европа го демантира и му удира шлаканица. Македонија е место каде што слободно живеат и ги остваруваат своите права сите етникуми и малцинства.

Конечно и малку достоинство. Конечно покажување став и увереност дека сме покажале отвореност и подготвеност. На изјавата на бугарскиот претседател, нашиот премиер реплицира ладнокрвно: „Ние преговараме со ЕУ, не со Бугарија“.

И, навистина, господине Радев, вашето вето помина. Вие останавте на опашката на Европа и во испреплетени влијанија од Исток и Запад.

Според сите пишувања, нашите односи со Бугарија имаат многу поширок контекст. И тоа треба секогаш да го имаме на ум кога дебатираме на оваа тема.

Кога зборуваме за односот на Бугарија, никогаш не смееме да ги одминеме фактите дека тука важна улога играат поголеми интереси, од геополитички размери. А, додека сето ова од ден на ден станува се’ појасно, Бугарија и Македонија си го покажуваат своето лице.

Македонија е отворена и од аспект на разноликост и толеранција, далеку понапред е од Бугарија и многу други европски земји. Истовремено, нашиот сосед од ден на ден се’ повеќе кажува и се покажува какво лице има. Покажува дека како членка на ЕУ не знае да ги практикува европските вредности, додека истовремено преку Радев признава постоење на македонски народ и јазик.

Со самата изјава на вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел, во која се користи терминот „македонски Бугари“, лицето на бугарската политика Румен Радев (затоа што единствено тој е константен лик на власт, додека составот на парламентот се менува на неколку месеци) покажува дека барањата на таа држава се апсурдни, од причина што во секојдневната комуникација се признава постоење на таа држава, нејзината култура, јазик и особености.

Кога е во прашање оваа тема, во претходната колумна потенцирав дека ни треба достоинство. Колку и да знаеме и прифаќаме дека односите со Бугарија се под влијание од геополитички интереси, неопходно беше некој, како во случајов премиерот, да застане на цврсти нозе и соодветно да возврати.

Едноставно, мора адекватно да одговараме, затоа што пропагандата ја оцрнува нашата држава и од внатре, и од надвор. Истовремено, не смееме да го изгубиме европскиот фокус. Македонија е призната демократска земја, а последна илустрација за тоа е погоре наведената Резолуција.

Но, да не заборавиме – пред нас стојат уставни измени и многу работа на полето на правниот систем и корупцијата.

Прочитајте повеќе

Кого има и кого нема на митинзите

Кого има и кого нема на митинзите

Дали кандидатите кои се борат да станат претседател на земјата треба да бидат придружувани или …