Салман Ружди симнат од респиратор, а може и да зборува

Салман Ружди симнат од респиратор, а може и да зборува

Писателот Салман Ружди е симнат од респиратор, по операцијата која уследи откако беше нападнат со нож. Неговиот агент Ендрју Вајли ја потврди информацијата и рече дека Ружди може да зборува, но не сподели дополнителни детали.

Хади Матар, човекот кој е осомничен дека на 12 август го нападнал Ружди се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад во рамки на она што обвинителот го нарече однапред планирано кривично дело.

Адвокатот на Хади Матар се изјасни во негово име за време на судскиот процес во западен Њујорк. Судијата нареди Матер да биде задржан во притовор без право на кауција. Осомничениот е обвинет дека истрчал на сцената и го прободел Ружди најмалку 10 пати во лицето, вратот и стомакот.

Писателот беше нападнат во непрофитен центар за образование во западен Њујорк каде што требало да одржи предавање.

Ружди кој има 75 години, при нападот се здобил со оштетен црн дроб и отсечени нерви на раката и повреди на окото. Веројатно ќе го загуби повреденото око, изјави неговиот агент по нападот.

Писателот со години се соочуваше со смртни закани поради неговиот роман „Сатански стихови“, кој некои муслимани го гледаат како богохулие.

Официјален Иран не реагираше за нападот на Ружди, но неколку тврдокорни весници го пофалија напаѓачот.
Американскиот претседател Џо Бајден го осуди „злобниот напад“ и го пофали Ружди за неговото „одбивање да биде заплашен или замолчен“.

Во изјавата на 13 август, Бајден рече дека тој и неговата сопруга, првата дама Џил Бајден, „заедно со сите Американци и луѓе ширум светот, се молат за неговото здравје и закрепнување“.

Роден во Мумбаи, Индија, Ружди има британско и американско државјанство и живее во Њујорк од 2000 година.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …