фото колааж со ачкоски и абрашоски

СДСМ Прилеп: Директорот Абрашоски е директен соучесник во скандалот со управителот на „Терминал-Комуналец“ и затоа треба да биде разрешен

Реакција на ОО на СДСМ Прилеп на прес-конференцијата на директорот на ЈКП „Комуналец“, Рубин Абрашоски

Почитувани граѓани,

Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“- Прилеп е директен соучесник во скандалот кој му нанесе срам на претпријатието со кое раководи, заради што мора да замине од директорската функција!

Скандалозна е неговата изјава дека не знаел за двомесечното отсуство од државата, односно 60-дневното недоаѓање на работа на управителот на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, Мартин Ачкоски.

Ако Абрашоски не е информиран дека дел од вработените со месеци не се појавуваат на работното место, дека управителот заминал надвор од државата да работи како келнер, ако не знае дека вработените три месеци не зеле плата и дека имаат поднесено тужба против претпријатието, ако не разбрал дека сметката на „Терминал-Комуналец“ е блокирана, тогаш со што се занимава директорот на најголемото јавно комунално претпријатие во општина Прилеп?

Имаме целосно разбирање за неблагодарната улога да мора да се појави на прес-конференција и да брани нешто за коешто не постои одбрана. Ама тоа никако не значи дека може да ја потценува интелигенцијата на прилепчани, најмалку пак заради зачувување на директорската фотелја, да се одрекува од своите сопартијци.

Директоре Абрашоски, трагикомична е твојата изјава дека Мартин Ачкоски бил кадар донесен од СДСМ! Бидејќи долги години си дел од ЈКП „Комуналец“, познато ти е дека истиот овој Мартин Ачкоски и во 2015 година беше именуван за управител на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп!

Ако си заборавил, ќе те потсетиме дека во 2015 година локалната власт во Прилеп ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, дека градоначалник беше Марјан Ристески, а неговиот братучед Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“.

Почитувани,

Тоа што изјавува дека не чувствува никаква одговорност за несовесното однесување на Ачкоски, е најдобра потврда за неодговорното раководење со јавното комунално претпријатие од страна на Абрашоски. Неговата неспособност да го менаџира јавното комунално претпријатие оди дотаму, што денешниот официјален документ од Централен регистар го демантира неговото тврдење дека управителот на „Терминал-Комуналец“ бил разрешен.

Неговото глумење неинформираност не може да го амнестира од фактот дека Прилеп е повалкан од било кога, дека се гуши во ѓубре и дека кучиња скитници демнат од сите страни.

Да имаше барем малку доблест, Абрашоски ќе си поднесеше оставка. Но бидејќи тоа нема да се случи, уште еднаш го повикуваме градоначалникот Борче Јовчески да го заштити интересот на граѓаните на општина Прилеп и заради покажаната неодговорност и незнаење, да го разреши директорот на ЈКП „Комуналец“, Рубин Абрашоски.

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …