Прес-конференција на Александар Ѓорѓиоски, член на Советот на Општина Прилеп
Почитувани,
Мизеријата во функционирањето на локалните власти и неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески, видливи се на секој чекор.
Меѓу оние кои без своја вина го плаќаат цехот на неспособната локална власт, се најдоа и здруженијата на граѓани и спортските клубови од општина Прилеп.
Во својата изборна програма, Јовчески ветуваше континуирана финансиска поддршка за невладиниот сектор, за спортистите и спортските клубови, изградба на нови и целосна реконструкција на постоечките спортски објекти.
Денеска, 500 дена од седнувањето во градоначалничката фотелја, може да се констатира дека и ова ветување беше една од многуте безобразни лаги на Јовчески.
Предвидените 4 милиони денари во Програмата за спорт, како за минатата 2022 така и за тековната 2023 година, се на историски најниско ниво. За споредба, општините со приближен број на жители како општина Прилеп, за спортот издвојуваат 5 пати повеќе средства.
Издвоените 900.000 денари за ФК „Победа“ и РК „Прилеп“, зборуваат за понижувачкиот однос на градоначалникот и кон спортистите од двата најпопуларни прилепски спортски клуба, но и кон прилепските љубители на фудбалот и ракометот.
Финансискиот удар на градоначалникот Јовчески кон спортот, го почувствуваа и сите други спортски клубови од општина Прилеп.
Во исто време, нема изградба на нови спортски игралишта. Не се реконструираат и не се одржуваат постоечките терени кои заради негрижата на локалните власти, се наоѓаат во очајна состојба.
Она, пак, што се случува со спортско-рекреативниот комплекс кај вештачкото езеро, неговото руинирање и бесрамно пустошење, е срам за градот, срам за градоначалникот Борче Јовчески.
Срамот на Јовчески е уште поголем и заради сеуште необјавениот јавен повик за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и спортски клубови.
Наместо и оние минимални средства од општинскиот буџет да бидат исплатени сега, кога спортските натпреварувања се во полн ек и кога помошта на спортистите им е најмногу потребна, заради некадарноста на паралелната општинска администрација и на градоначалникот, парите до спортистите ќе стигнат со огромно задоцнување.
Градоначалниче Јовчески, имаме разбирање за тоа што не го сакаш спортот. Меѓутоа, како градоначалник, тоа не ти дава за право да се самопромовираш во џелат на прилепскиот спорт.
Скрати малку од парите за икебани и средствата пренамени ги во спортот. Прилепчани и прилепските спортисти ќе ти бидат благодарни за тоа!