Се бара решение за бојкотот, родителите и МОН ќе седнат на заедничка маса за учебниците

Се бара решение за бојкотот, родителите и МОН ќе седнат на заедничка маса за учебниците

За утре се најавува средба на МОН со неформалната група родители кои се против замената на хартиените учебници со дигитални.

Група родители и надлежните во Министерството за образование ќе седнат на заедничка маса во обид да изнајдат решение поради незадоволството од воведувањето на дигиталните учебници, што резултираше со бојкот во дел од основните и средните училишта. Драгана Спасовска, претставник на родителите, информираше дека за утре е договорена средба на неформалната група родителите кои се против воведување дигитални ученици со министерката за образование и наука, Мила Царовска. Средбата следи по барање на група родители чии деца изминативе денови не ја следеа наставата во училиштата.

Од групата родители „Книги и лекции мора да има“ велат дека бојкотот ќе биде на сила сѐ додека не се одржи состанокот. Од Министерството за образование велат дека нема бојкот на наставата, туку дека станува збор за изолирани случаи на деца кои не ја следат наставата. „Помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата. Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите“, посочуваат од МОН.

Групата родители „Книги и часови треба да има“, покрај прекинувањето на постапките за донесување на законот за учебници, бараат и јавна расправа и дебата за измените, но и директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата граѓани во ревизија и интервенции во Законот. Дел од родителите најавуваат протести ако МОН не ги земе предвид нивните барања.

Фисник Рустеми, член на иницијативата „Учебници и настава мора да има“, воедно и родител на три деца, во изјава за медиумите вели дека ќе продолжи со бојкотот сѐ додека не се повлече законот кој предвидува дигитализација на учебниот материјал.„Бојкотираат сите освен првата година. Во некои училишта има целосен бојкот, во некои бојкотираат 70-80% . Согласно информациите што ни доаѓаат, има разни притисоци, но и страв. Има родители кои велат  – моето дете не бојкотира, другите бојкотираат“, додава Рустеми.

Но, колку што се силни повиците за бојкот и протести, уште поголеми се и дилемите кај  дел од родителите дека бојкотот е на штета на децата коишто губат настава и дополнително ќе треба да ги надополнуваат часовите коишто ги пропуштиле. „Нашите деца ќе страдаат, ќе им се насобере материјал којшто не ќе можат потоа одеднаш да го совладаат“, реагираат дел од родителите. Тие на социјалните мрежи ги изнесуваат своите ставови дека бојкотот е избрзана работа и дека требало да биде преземен како последна мерка, откако претходно ќе се исцрпат сите можности за изнаоѓање решение.

Според најавите на надлежните, електронските учебници треба да започнат етапно да се воведуваат од септември и првично ќе се однесува само за учениците од четврто одделение. Според МОН, ќе бидат опфатени 20.000 ученици. За учениците од прво до трето одделение, пак, и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …