Се одржа првата седница на Високиот Совет за соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција

Се одржа првата седница на Високиот Совет за соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција

Претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска претседаваа со седница на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји, која се одржа како дел од заедничките меѓувладини активностите и агендата на официјалната посета на премиерот Ципрас и владината делегација на Грција на нашата земја.

На седницата учествуваа и министрите на двете влади кои реферираа за разговорите и постигнатите договори од нивните меѓусебни билатерални средби кои се одржаа непосредно пред седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.

На отворањето на седницата, во својот воведен збор премиерот Заев ја изрази својата убеденост дека првата седница на Високиот совет за соработка ќе иницира многубројни проекти од заеднички интерес, и дека во иднина ваквите средби ќе станат многу почести.

„Имаме што да си дадеме едни на други во таа соработка. Имаме многу да надоместиме, и убеден сум дека тоа е од огромен интерес и корист за сите граѓани од двете земји. Кога со Алексис го започнавме тешкото патување за да го затвориме долгиот спор што го имавме, ние не бевме сигурни дека ќе стигнеме до овој историски момент. Можам слободно да кажам, дека пред една година, само неколку луѓе во целиот свет сметаа дека можеме да стигнеме толку далеку. Но јас знам, дека ние секогаш имавме амбиции и политичка волја да одиме уште подалеку во градењето на нашето пријателство и во отворањето на нови можности за подобри односи и посилна соработка“, истакна Претседателот на Владата на РСМ во својот воведен збор на отворањето на седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.

Претседателот на Владата на Грција Алексис Ципрас во своето воведно излагање на седницата истакна дека оваа седница е историски настан кој ја потврдува огромната желба да се унапредат односите во интерес на граѓаните на двете земји.

Премиерот Ципрас нагласи дека после Договорот од Преспа, двете земји отвораат нов наратив на кој ќе се инспирираат и ќе го унапредуваат сите идни генерации на Грција и на Република Северна Македонија, и дека двете земји отворија ново поглавје за заеднички иницијативи од интерес и за регионот и Европа.

Во продолжение на работата на седницата на Високиот Совет за соработка меѓу двете земји, министрите на двете влади информираа за нивните меѓусебни средби, по што следуваше свечено потпишување на документи за соработка утврдени на овие средби и во подготвителниот период за организирање на оваа историска, прва официјална посета на премиер и владина делегација на Грција на нашата земја.

Премиерите Заев и Ципрас го потпишаа Акциониот план за интензивирање и зголемување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Грција, согласно предвиденото во Спогодбата од Преспа, по што следуваше потпишувањето на Договорот за одбранбена соработка меѓу  Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Грција, што го парафираа Заменик претседателката на Владата на РСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за одбрана Евангелос Апостолакис.

Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција Атанасија Сија Анагнастопулу потпишаа Меморандум за соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за  надворешни работи на Грција за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Горан Сугарески, како министер за транспорт и врски на РСМ и Кристос Спирцис, министер за инфракструктура и транспорт на Грција, потпишаа Меморандум за разбирање за соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија и Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, како и Меморандум за разбирање за развој на патот и железничката врска Солун-Скопје-Табановце.

Меѓу документите за соработка, беше потпишана и Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грција за отворање на нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе го поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахој во Грција, кој го потпишаа Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи на РСМ и Атанасија Сија Анагнастопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција.

Првата седница на Високиот Совет за соработка меѓу двете земји, која се одржа како дел од активностите и агендата на официјалната посета на премиерот Ципрас и владината делегација на Грција на нашата земја, заврши со фемили фото на двете делегации.

Прочитајте повеќе

Притисок за да функционира државата

Притисок за да функционира државата

Од стотици регистрирани граѓански или невладини организации, здруженија, фондациии, малку се оние кои  чиј „збор …