Се реконструира патниот правец Прилеп - вештачко езеро

Се реконструира патниот правец Прилеп – вештачко езеро

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, извршија увид на градежните работи околу реконструкцијата на патот Прилеп-вештачко езеро. Станува збор за патен правец во должина од 8 км, од кои минатата година со градежни зафати беа опфатени 2 км, за кои ЈП за државни патишта издвои 160.000 евра и уште 160.000 евра од буџетот на Општина Прилеп. Оваа година со рехабилитација ќе бидат опфатени околу 4,2 км од патниот правец Прилеп-вештачко езеро, инвестиција која чини 520.000.

„Овај пат согласно консултациите кои ги имавме со изведувачите, ќе биде целосно саниран и реконструиран до почетокот на август. Сакам да потенцирам дека во делот на Пелагонискиот регион, покрај овај пат кој што се реконструира, се работи на патот од Градско до Дреново, потоа патниот правец Битола – Демир Хисар, направена е обиколницата околу Битола, направен е патот од Битола до Новаци. Се предвидува реконструкција на Кривогаштани – Крушево, а се работи на проектирање на автопатот од Прилеп до Битола. Исто така ќе се реконструира постојниот пат од Битола до Меџитлија и паралелно се работи на проект за експресен пат од Битола до Меџитлија“, изјави министерот Сугарески.

Градоначалникот Илија Јованоски, рече дека освен реконструкцијата на патот Прилеп – вештачко езеро, Општина Прилеп ја реализира својата Годишна програма за улици и патишта.

„Во тек е изведувањето на ударните дупки по сообраќајниците во градот, почната е реконструкцијата и рехабилитацијата на одреден број улици, денес се работи на улицата ‘11 Октомври’, ќе следат ‘Стеван Апостолоски’ и ‘Ѓорѓи Димитров’, како и сите други што се предвидени во Програмата за оваа година. Оваа година ќе се асфалтираат сите неасфалтирани улици во Прилеп. Онаму каде што се задира во приватно право и има нерешени имотно-правни односи,апелирам до граѓаните да дојдат во Општина со цел да се регулираат сите прашања, за да можат и тие улици да се асфалтираат“, рече градоначалникот Јованоски.

Од наредната недела, како што потенцираше градоначалникот Јованоски, ќе започне реконструкцијата и изградбата на нов мост на улицата „Трајко Николоски“ во населбата „Сточен пазар“, каде до крајот на октомври ќе биде реконструирана и патната инфраструктура, се’ со цел да се олесни сообраќајот во овој дел од градот.

Прочитајте повеќе

обвинителство

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка, која на граѓаните …