Неколку примери од изминатите денови: во областа Кузел во Рајнланд Фалц криминалци кренале во воздух еден банкомат, исто така и во Баварија. На викендот тоа се случило во Хајдекрајс во Долна Саксонија двапати во рок од 24 часа. На крајот на минатата недела експлодираа банкомати на пример во Ротенбург, Дортмунд и Вецлар. Разбивањето банкомати зачести во последниве месеци, за 2022 година уште нема точна бројка. Но, уште сега е извесно дека лани беа кренати во воздух толку многу банкомати како никогаш досега, соопшти Сојузната служба за борба против криминал, БКА: „Делумно, низ целата земја имаше до пет разнесувања на автомати во една ноќ.“
Досега рекордна беше 2020 година, со вкупно 414 разнесени банкомати, во 2021 година бројката забележа лесно намалување, за сега да достигне нов рекорд. Зошто е тоа така?
Лепила и бои
„Регистрираме преместување во Германија“, објаснува Бастијан Кипинг, виш криминален комесар во Покраинската криминалистичка служба во Рајнланд Фалц. Многу осомничени доаѓаа од Холандија и од Франција. Двете земји ланската година ги опремија нивните банкомати со „техника за лепила и системи за обојување“. Тоа значи: ограбените пари се прават неупотребливи со употреба или на лепило или на боја.
Овие мерки во Германија уште не се раширени во поголем обем. „Тоа безмислосно го користат криминалците“, вели Кипинг.
Затоа тежиштето на криминалците од соседните земји, со оглед на близината на границата, се наоѓа во западна Германија. Само во Северна Рајна Вестфалија, според тамошната полиција, лани имало преку 180 напади на банкомати со експлозив, околу 30 повеќе од претходната година. Во Рајнланд Фалц бројот на кревања на банкомати во воздух е дури и двојно зголемен: во 2022 година имало 56 наспроти 23 во преходната година.
Љубовта на Германците кон кеш
Важен фактор притоа е циркулирачкатаколичина на пари во кеш во Германија. „Германците ги сакаат своите пари во кеш. Во Холандија почесто се плаќа со картичка“, вели Кипинг. Меѓутоа, постојат и слаби точки кои криминалците ги користат.
Затоа Германија поради парите во кеш станува примамлива цел за криминалците. Бројот на банкомати во Германија со преку 55.000 е во целина доста висок. Во Холандија, според податоците на Германската кредитна економија, тој се движи во „ниска четирицифрена големина“. Освен тоа, по правило германските банкомати се наполнети со повеќе готовина отколку во соседните земји.
Самите напади стануваат сѐ поопасни. Според БКА, криминалците покрај експлозивните мешавини од гас користат најчесто т.н. тврди експлозивни материјали, често и рачно направени. „Кај овој вид експлозиви, нивното дејство е уште потешко за проценка отколку кај гасовите“, вели комесарот Кипинг. Настаната експлозија може да биде катастрофална. „За порастот на опасноста сведочат и оштетувањата на објектите, тие се сѐ поголеми“, истакнува Кипинг.
Банките отстрануваат банкомати
За банките, активноста на злосторниците е трка со време. „Пред три, четири години, се користеше речиси исклучиво гас за минирање“, вели Кипинг. Затоа многу банки во банкоматите вградија уреди за неутрализирање на гас. Но, тие се немоќни против цврстите експлозиви. Криминалците предничат со изборот на методи. Банките засилено вградуваат видео-надзор и алармни системи, како и боја и лепила во автоматите. На советување со Министерството за внатрешни работи, германските банки во ноември 2022 искажаа подготвеност за засилена превенција.
Германското МВР со голема загриженост гледа на минирањата на банкомати, проблем е што постојат голем број автомати за во кратко време да бидат соодветно заштитно опремени, вели Кипинг.
Затоа, сѐ повеќе банки ги затвораат банкоматите, некои пак ги заклучуваат просториите на филијалите преку ноќ. За банките тоа се смета за последно средство, зашто при целосно затворање, ноќе немаат пристап ни муштериите со нивните банкарски картички.
Во 2021 година криминалците украле речиси 20 милиони евра
Притисокот врз банките е голем: не само поради опасноста за недолжни луѓе, туку и поради настанатите штети од минирањата. За ланската година уште нема податоци, но во 2021 година криминалците со разнесувања на банкомати во Германија успеале да стигнат до плен од 20 милиони евра.
Уште повисоки се настанатите материјални штети, во 2021 година, според проценките на БКА, тие се движат во средна двоцифрена милионска сума, во 2022 година ќе бидат сигурно повисоки.