По повод премиерата на претставата „Семејни приказни“ од Биљана Србљановиќ, во режија на Милош Б. Андоновски, денеска во театарот „Војдан Чернодрински“ се одржа прес конференција.

На режисерот на претставата, Милош Б. Андоновски ова му е прва соработка со прилепскиот театар, за која вели дека била онаква каква што отсекогаш посакувал, особено со актерската екипа.

„Ова е претстава за детството, за деведесеттите и за тоа како тие повторно се враќаат, а можеби никогаш и си немаат заминато. Со претставата повеќе ги преиспитуваме деведесеттите, отколку што само носталгично се навраќаме на нив и се сеќаваме. Текстот е напишан во 1998 година, но темите и материјата се се’ уште актуелни. Преку приказните на овие деца на возраст од 10 до 12 години, кои се главни ликови во претставата, гледаме како преку нивните игри, државата, политиката и одредени нешта на кои таму не им е местото се протнуваат и гледаме едни сосема поинакви димензии од нивниот развој. Претставата временски и просторно е сместена во деведесеттите, на едно старо напуштено игралиште, но сепак актерскиот израз е она кое што прилично модерно и современо“, вели режисерот Андоновски.

Драматургот Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, потенцира дека претставата опфаќа неколку значајни теми, меѓу кои и таа за патријахалноста, како тема која беше длабоко вкоренета во тоа општество.

„Меѓутоа, нашиот фокус беше на друго место. Само по себе се наметна прашањето на леснотијата која ја носи детството, затоа што ние сме, сепак, деца произлезени и пораснати во тие години. Оваа претстава ја работевме со многу љубов но, признавам и со малку носталгија за тоа време“, истакнува Митоска – Ѓорѓиевска.

Јасмина Мицовска Станкоска, еден од четирите актери кои играат во „Семејни приказни“, нагласува дека претставата е работена со многу љубов и дека публиката ќе има можност да присуствува на една убава претстава, лесна за гледање, но претстава која се занимава со многу тешки прашања.

„Преку детската игра ние ги гледаме проблемите на родителите и на општеството во кое живееме. Јас не би сакала децата да бидат обременети со проблемите на возрасните, нешто што многу често се случува околу нас. И тоа не само во девесеттите, туку и сега. Претставата има универзална тема, има многу сцени кои што се актуелни и сега, како што се иселувањето, влијаењето на политиката врз животот… Мислам дека претставата ќе биде многу интересна за гледање. Истовремено е среќна и радосна, но носи и голема тага“, вели Мицовска
Станкоска.

Покрај Јасмина Мицовска Станкоска, во претставата играат актерите Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски. Драматургијата е дело на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, сценографијата на Наташа Вчкова, која е автор и на фотографиите, а костимографијата е на Марта Дуфне. Изборот на музиката е колективен и за нејзиното користење во претставата побарана е и добиена дозвола од авторите и изведувачите: Тоде Новачески, Владо Јанески и Маријана и Росана.

Премиерата на претставата „Семејни приказни“ е закажана за среда, 5 јуни, во 20 часот.