„Со измените на Законот за социјална заштита воведуваме дополнителни 1.000 денари помош за семејствата кои добиваат гарантирана минимална помош“, порача пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ на вчерашната седница на Собранието.
Шкријељ истакна дека овие измени се дел од мерките кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните полесно да се справат со економските последици од глобалната криза.
„Семејствата кои се корисници на гарантираната минималната помош за следните три месеци ќе добијат по дополнителни 1.000 денари на своите сметки, со цел да им се помогне полесно да ги надминат последиците од економската криза. Ова е дел од мерките, меѓу кои се и укинувањето на ДДВ за основните продукти, субвенционирање на сметките за електрична енергија, а преку кои го штитиме стандардот на граѓаните. Да не заборавиме и дека минималната плата веќе од овој месец изнесува 18.000 денари“, посочи Шкријељ.
Пратеничката Шкријељ потсети дека СДСМ на дело покажува вистинска посветеност во борбата против сиромаштијата, а најсилен доказ за тоа е социјалната реформа која започна да се применува во 2019 година.
„Преку социјалната реформа која се уште се спроведува успеавме да создадеме систем на трајно извлекување од сиромаштија на ранливите категории граѓани. За нејзината успешност говори и фактот што опфатот на деца кои денес добиваат детски или образовен додаток е зголемен за неколку пати, а сериозно е зголемен и износот на гарантираната минимална помош“, истакна Шкријељ додавајќи дека борбата против сиромаштијата и невработеноста продолжува и преку Оперативниот план за вработување за 2022 година со буџет од 1,8 милијарди денари, односно 30 милиони евра.