Што добива Македонија со победата на Макрон

Што добива Македонија со победата на Макрон

Новиот петгодишен мандат на Макрон изгледа како спасоносно решение за Македонија, но само во споредба со стравувањата од неизвесна иднина на Европа доколку победеше екстремната десница на Марин Ле Пен.

Пишува: Ерол Ризаов

Западна Европа, особено Брисел со големо олеснување ја дочека изборната победа на претседателот Емануел Макрон. Новиот петгодишен мандат на Макрон со неговите амбиции за европски лидер и заложби за реформирана Европска унија изгледа како спасоносно решение, но само во споредба со стравувањата од неизвесната иднина на Европа доколку победеше екстремната десница на Марин Ле Пен, чии изборни резултати се најдобри во поновата историја на Франција. На 24 април изборните реузултати во Франција беа добрата вест за Европа, најрадосно дочекана во Германија и нова надеж за иднината на Европа.

Но, што значи победата на Макрон за Македонија и за таканаречениот западен Балкан, нов географски термин со лош предзнак за мнозинството граѓани на Европа и особено во Франција? Дали Македонија добива нешто, или и натаму ќе се соочува со неизвесност, чекајќи со децении онеправдана во европската чекалница како несакан гостин, далечен роднина од длабока провинција?

Ако се гледа и споредува со разликите што би значела за Македонија победата на Марин Ле Пен, тогаш надежите за европеизација на Македонија со победата на проевропскиот претседател Макрон се поголеми. Но, ако се земат предвид новите односи на силите во Франција, што ќе мора и покрај победатa претседателот Макрон да ги респектира, и ако згора на тоа се добро познати условувањата што тврдокорно ги поставуваат нашите соседи заробеници на географијата и на историјата со возобнување до разгорување на „националните интереси“ од минатите векови, тогаш, уште долги години ќе ги слушаме убавите зборови и на третата и на четвртата, па и на петтата генерација високи бриселски бирократи, се разбира, диригирани од европските „државници“ дека Македонија ги исполнува сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, притоа задолжително додавајќи го онака патем, помалку чујното кај нас невозможно решение, да ги надмине во меѓусебни преговори спорните прашања со своите соседи, во оваа фаза читај со Бугарија.

Макрон не ја крие загриженоста и по победата

За да дојдеме до некаков рационален одговор на овие суштински прашања, иако довербата во ЕУ во Македонија и во целиот западен Балкан е драматично падната сосема оправдано, неопходно е да се имаат предвид не само изборните резултати во Франција, туку и од крвавиот епилог на руската инвазија врз Украина. Факт е дека над 13,2 милиони Французи гласаа за Марин Ле Пен, односно 5,5% повеќе од претходните претседателски избори. Претседателот Макрон освои речиси 19 милиони гласови, односно околу два милиони гласови помалку од изборите во 2017 година.

За период од пет години ова е големо поместување на десно, ако не се земат предвид резултатите од првиот круг, кога засилената левица освои над 20 проценти од гласовите. За каков тренд се работи најдобро говори загриженоста на претседателот Макрон во неговиот прв говор по победата.

Традиционалната прослава пред Ајфеловата кула помина без големата и вообичена еуфорија во вакви прилики, иако за првпат по 20 години еден француски претседател добива втор мандат. Претседателот Макрон не ја криеше загриженоста кога се заблагодаруваше на Французите за победата, оценувајќи дека мнозинството Французи гласале за хуманистички , социјален и еколошки проект чиј носител е тој. Но, притоа јасно нагласи дека: многу брзо треба да дадеме одговор и на молкот, на досега најголемата апстиненција на гласачите. Тоа се однесува не само на тоа што многу Французи не гласаа, туку и на агитација и протестите на студентите и осиромашените Французи да не се гласа, со други зборови да се бојкотираат изборите поради незадоволството на голем број граѓани од политичките елити и од вкупните состојби во француското општество.

Извор: DW
Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните …