Синиша Дедеиќ: Со дезинформациите власта во Србија прави симулација на реалноста

Синиша Дедеиќ: Со дезинформациите власта во Србија прави симулација на реалноста

Синиша Дедеиќ е уредник во „Истиномер“, а дел од тимот на „ЦРТА“ е од 2010 година. Дедеиќ заедно со тимот на новинари на „Истиномер“, портал за јавна отчетност и транспарентност, внимателно ги следат, проверуваат и оценуваат ветувањата и изјавите на политичарите, дали се доследни во нивната политика и јавната комуникација и дали ја кажуваат вистината. Дипломирал на Факултетот за политички науки, а со новинарско искуство е стекнал во неколку дневни и неделни весници. Тој за „Мета.мк“ говори состојбата со медиумските манипулации и дезинформации во Србија.

Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации во Србија?

Бројот на дезинформациите пласирани од повеќето медиуми блиски до властите во Србија е толку голем што попрво може да се зборува за еден вид симулација на реалноста, отколку за индивидуални случаи на медиумски манипулации. Од највисоките кругови на власта скоро секој ден се пласираат голем број на такви креирани информации, кои потоа немилосрдно се повторуваат од медиумите со национална фреквенција, потпомогнати од печатените медиуми кои нескриено ја поддржуваат актуелната власт. Овој вид на немаскирана пропаганда претставува магистрален пат за информирање на повеќето граѓани, кои немаат можност или заинтересираност да го проверат тоа што им е соопштено.

Синиша Дедеиќ: Со дезинформациите власта во Србија прави симулација на реалноста
Клучните теми во Србија

Дали вашата влада има план за борба против дезинформациите и колку тој е активен?

Дека власта и медиумите блиски до неа се најголеми производители на лажни вести во Србија не е само паушална оценка на оние кои ја „мразат“ актуелната власт, туку официјална проценка на медиумски експерти, како што е Снежана Миливојевиќ, професорка на белградскиот Факултет за политички науки. Затоа своевремено како цинизам прозвучи предлогот на министерот за иновации и технолошки развој во Владата на Србија, Ненад Поповиќ, кој на претседателот на Србија Александар Вучиќ му достави „предлог за формирање работна група за одбрана од лажни вести“. Тој прецизираше дека неговата идеја се однесува „исклучиво на дезинформации на социјалните мрежи“.

Има ли осудителни пресуди за предизвикување општа опасност прекуширење на лажни вести или говор на омраза?

Знаејќи дека дискурсот во кој политичките противници се нарекуваат „крадци“, „олош (џган, багра)“ или „бедници“, се шири од врвот на пирамидата на власта, преку медиумите блиски до неа, до партиските „ботови“ на социјалните мрежи, јасно е дека во овој момент не е реално да се очекуваат санкции за таквиот начин на комуникација. Сепак, имало случаи кога државата реагирала на ширењето на лажни вести, како на пример, кога по наредба на Вишото јавно обвинителство за кратко време беа уапсени две лица, под сомнение дека на социјалните мрежи ширеле лажни информации дека водата во Белград не е за пиење.

Синиша Дедеиќ: Со дезинформациите власта во Србија прави симулација на реалноста
Медиумски објави без извори и без цитирање по земји

Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?

Онолку колку што е во нивната моќ и колку што можат да влијаат во едно општество во кое дури и соопштенијата на Самостојното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ), ги пренесуваат само неколку медиуми кои не се под контрола на власта. Двете здруженија, меѓу другото, апелираа до компаниите и претприемачите да не се рекламираат во медиуми кои континуирано го кршат новинарскиот кодекс и „на тој начин да покажат општествена одговорност“. Според податоците на НУНС и НДНВ, постои правило дека медиумите што најмногу ги кршат етичките и професионалните норми се токму оние кои се блиски до власта и кои со солидна сума се финансираат од буџетот. „Исто така, забележуваме дека ситуацијата од национално ниво се префрли на локално и регионално ниво“, посочија овие здруженија. Tоа беше пред скоро една година.

Какви се досегашните искуства и специфики во проверката на факти во медиумите во вашата земја?

Оваа година се одбележува цела деценија од започнувањето на „Истиномер“, кој е првиот сајт за проверка на факти во нашиот регион. Тој настана со идеја да промовира одговорност за изговорениот збор. Досега, оценивме неколку илјади изјави на јавни функционери, како на републичко, така и на локално ниво. За жал, повеќето од овие изјави беа оценети негативно. Забележуваме дека во првите години имавме поголем круг актери кои ги оценувавме, за да во последните години тој главно се сведе на претседателот на Србија, кој дава најголем број изјави на различни теми, и на само уште неколку функционери, негови блиски соработници. Исто така, затвореноста на министерствата, државните институции, со чест на исклучоци, го отежнува добивањето на податоци кои ни се неопходни за да можеме да ги провериме тврдењата на актерите кои ги оценуваме.

Колку е застапена Македонија во медиумите во Србија?

Тоа зависи од актуелноста на настаните во Македонија. Протестите во Скопје, изборите, Договорот од Преспа, измената на Уставот – беа настани кои медиумите во Србија ги следеа и пошироко известуваа. Се разбира, во зависност од тоа за кои медиуми се работи овие настани беа ставани во одреден контекст, па консументите на медиумите кои се препознаени како повеќекратни прекршители на новинарскиот кодекс, беа информирани во согласност со нивната востановена практика. Тие медиуми не пропуштија можност ниту споменатите настани да ги согледаат низ нивната диоптрија и така сервирани да им ги понудат на нивните консументи.
Дали често се објавуваат дезинформации за Македонија и кои се најчестите?
Онака како што корисниците на медиумите за кои е докажано дека секојдневно ја искривуваат реалноста, се изложени на конструирани толкувања на реалноста во Србија, така тие не се поштедени ниту од конструирани информации од други делови на регионот или планетата. Тие генерално се пласирани така што се вклопуваат во веќе направениот мозаик креиран од власта и/или медиумите блиски до неа. Во зависност од тоа на чија страна во овие настани се симпатиите и интересите на овдешната власт, така се ориентираат и овие медиуми создавајќи црно-бела слика, така што публиката кон која се обраќаат не би имала дилеми за тоа кој е во дадениот контекст наводниот „позитивец“, а кој „негативецот“. Од таа визура не се поштедени ниту настаните во Македонија.

Синиша Дедеиќ: Со дезинформациите власта во Србија прави симулација на реалноста
Присуство на објави за странските сили во земјите на на Западен Балкан

Дали и колку е српската јавност изложена на руско влијание, антизападни медиумски манипулациии дезинформации и какви се ефектите од таквите тенденции?

Регионалната анализа на медиумското известување, која минатата година го спроведе организацијата „Црта“ (од која се графиконите во текстот), покажа дека повеќе од една третина од медиумските објави во Србија за меѓународните актери: ЕУ, САД и Русија, се без наведен извор, што е основа за потенцијални дезинформации. Во анализата е заклучено дека во Србија доминира „ЕУ неутрална содржина“ (27 проценти), додека „ЕУ пристрасното позитивно насочување на медиумските информации“, е значително пониско во однос на другите земји (15 проценти) и скоро подеднакво е „пристрасното позитивно насочување на вестите кон Русија“ (14 проценти). Медиумските информации во Србија се најмногу позитивни кон Русија, додека за НАТО се известува негативно. Информациите за ЕУ се претежно неутрални, па за преговорите и отворањето на поглавјата се известува само технички.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …