Синот на Мијалков, Јордан, и членови на неговото семејство се повикани на разговор во МВР

Синот на обвинетиот Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, членови на неговото потесно семејство и лица од неговото обезбедување, се повикани на информативен разговор во Министерството за внатрешни работи, потврдија за „Мета.мк“ од ова министерство, не обелоденувајќи попрецизни податоци.

Причината за тоа најверојатно се информациите кои тие би можеле да ги имаат во врска со бегството на Сашо Мијалков, откако МВР не можеше да го најде за да му го врачи решението за куќен притвор, според одлука на Кривичниот суд донесена во неделата попладне околу 15 часот. Поради тоа, денеска МВР распиша национална потерница за Мијалков. Доколку не се најде во земјава, како што рекоа од таму, за него ќе биде распишана и меѓународна потерница.

МВР на својата веб страница веќе го стави Сашо Мијалков прв на листата на барани лица со потерница. Таму стои дека Мијалков се бара по наредба за распишување на потерница на Основен суд Скопје 1, а врз основа на решение на судот со кое му е определена мерка куќен притвор, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – “Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353, кривично дело “Злосторничко здружување “ од член 394 и кривично дело “Примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од КЗ.

Сашо Мијалков, како поранешен директор на УБК, е еден од обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“, за кој конечната пресуда треба да биде соопштена во петок на 26 февруари и за што ОЈО бара максимална казна.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …