Европската комисија објави дека капацитетите за складирање на природен гас во ЕУ се полни речиси 84 отсто, и покрај обидите на Русија да го спречи снабдувањето со таа енергија за време на војната против Украина. Нивото на искористеност на заедничките складишта за природен гас во ЕУ во декември беше за 13 проценти повисоко од просекот за периодот 2016-2018 година, соопшти Европската комисија. Поради страв од недостиг во текот на зимата, 27-те земји-членки на ЕУ почнаа да складираат гас. Нивото на заеднички резерви на гас се искачи на 82 отсто до септември, многу пред целта од 80 отсто целосно складирање до ноември.
За тоа придонесе и падот на потрошувачката на гас од 20 отсто од август до ноември поради растот на цените. Налутена од санкциите воведени од ЕУ поради нападот врз Украина, Русија минатата година значително ја намали испораката на гас за земјите од ЕУ. Пред почетокот на инвазијата врз Украина, Европа набавуваше 40 отсто од вкупното количество гас од Русија, а сега само околу девет отсто. Првата редовна испорака на течен природен гас од САД пред два дена пристигна во Германија, како дел од напорите на земјите од ЕУ да најдат нови, посигурни добавувачи и да ги заменат ресурсите што претходно ги купуваа од Русија.