Скопје одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес од 1963 година

Скопје одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес од 1963 година

Со предавања, концерти, изложби, полагање на свежи цвеќиња, крводарителска акција и серија од други активности македонскиот главен град денеска одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди на 26 јули 1963 година. На овој ден, природната катастрофа која го погоди Скопје однесе 1.070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку 3.000 лица, а околу 200.000 скопјани останаа без своите домови. Земјотресот го уништи најголемиот дел од градот.

По повод одбележување 58 години од катастрофата, делегација на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, во придружба на првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година.

„Денот на сеќавање на земјотресот во Скопје е исто така ден кога изразуваме голема благодарност до сите оние кои со љубов и солидарност учествуваа во споделување на болката со преживеаните и кои учествуваа во реконструкцијата на градот. Скопје стана град на солидарност, место каде беа обединети пораки и молитви за поддршка и споделување на болка“, се вели во пораката на премиерот Зоран Заев.

Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.

Под мотото „За Скопје со љубов“, како знак на пожртвуваност денеска се одржа и масовна крводарителска акција под покровителство на Црвениот Крст и Институтот за трансфузиона медицина. Традиционалната крводарителска акција се одржа во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Одбележувањето на 58 години од скопскиот земјотрес продолжува денеска вечер, кога е планирано да се промовира новиот реконструиран Кеј 13 Ноември во центарот на Скопје. Отворањето на новиот Кеј од 19 часот ќе биде проследено со настап на Градскиот дувачки оркестар, како и одржување на изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“ на оваа локација.

Скопјани вечерва ќе можат да проследат и серија од културно-уметнички активности на неколку локации во градот. Во 19 часот, поетското читање пред Музејот на Град Скопје е во организација на жени на Град Скопје. Еден час подоцна, на истата локација ќе биде отворена изложбата „Колаж на еден разурнат град“.

Како дел од Скопско лето, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“, во 20 часот, Национална опера и балет. Концертот на Филхармонија на РСМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“, ќе се одржи во 21 часот во Градскиот парк.

Младинскиот културен центар за вечерва има посебна програма насловена „МКЦ за Скопје ’21“. Пред и во внатре во самиот објект, МКЦ организира серија од настани кои започнуваат во 19:30 часот со проекција на филмови, но и концерт на млади бендови.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во …