Смртоносно стампедо на музички фестивал во САД

Смртоносно стампедо на музички фестивал во САД

Најмалку 8 лица загинаа, а десетици се повредени во човечкото станпедо за време на отворањето на музичкиот фестивал Астроворлд во Хјустон, во сојузната американска држава Тексас, јавуваат локалните медиуми повикувајќи се на наводи од властите. 17 лица се хоспитализирани, изјави шефот на противпожарната служба на градот Хјустон во Тексас, Семјуел Пења. Единаесет од нив доживеале срцев удар.

Локалната станица на телевизијата Еј-Би-Си јави дека на првиот ден од фестивалот дошло до хаос откако се отвориле вратите околу 14 часот по локално време и оти толпа од луѓе се пробивала низ портите, пренесува агенцијата Ројтерс. Илјадници луѓе, според наводите на Еј-Би-Си, го уништиле безбедносниот влез за ВИП лицата, заобиколувајќи го контролниот пункт, а некои се и приведени.

Шефот на локалната пожарникарна служба, Семјуел Пења, изјави дека дошло до метеж  и кај предниот дел од бината и оти избувнала паника меѓу посетителите. Во тие моменти на бината настапувал американскиот рапер Тревис Скот, кој го основа фестивалот во 2018 година.  Според извештајот на весникот Хјустон хроникл, тој неколку пати го прекинал својот настап поради инциденти во публиката.

Откажани се натамошни настапи

Инаку на местото на несреќата пристигнале повеќе десетици возила на Итна помош, здравствени работници и друг персонал, пренесува локалната станица на Еј-Би-Си. Пожарникарната служба на Хјустон на Твитер напиша оти нивни екипи се наоѓаат на лице место откако се известени за „повеќекратни повреди на цивили“. Како што наведуваат официјалните лица од пожарникарната служба, изведена е кардиопулмонална реанимација над најмалку две лица.

Според пожарникарите, околу 50.000 луѓе присуствувале на  првиот ден од дводневниот фестивал Астроворлд, кој се одржува во центарот на Хјустон. Настапите закажани за оваа сабота биле откажани по смртоносното стампедо. На фестивалот требаа да настапат уметници како СЗА и Бед Бани. Точните причини за несреќата сѐ уште не се познати и нема официјално соопштение од организаторот на фестивалот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …