Со нови контејнери во Скопје, годинава ќе се зголемува селекцијата на стаклениот отпад за 20 отсто

Со нови контејнери во Скопје, годинава ќе се зголемува селекцијата на стаклениот отпад за 20 отсто

Нови 60 садови за одлагање на стаклена амбалажа ќе бидат поставени во скопските општини Гази Баба и Аеродром, со цел преку зајакнатата отпадна инфраструктура да се дејствува кон подигање на свеста на граѓаните за рециклирање на стаклото како амбалажен материјал и за ангажирање на експерти што ќе создадат соодветен модел за рециклажа на стакло што во иднина ќе биде применлив и во другите општини.

Се очекува да се зголеми процентот на собран стаклен отпад за најмалку 20 отсто во споредба со минатата година, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

„Ги повикувам сите граѓани на нашиот град да се вклучат масовно и да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања што ги имаат по своите домови со цел да ги фрлат исклучиво во овие специјализирани за тоа контејнери. Рециклирањето на отпадот е практика која што масовно се практикува во земјите на ЕУ, коишто ги почитуваат највисоките стандарди на екологијата за третман на отпадот“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека ваквата политика Град Скопје ќе ја продолжи во иднина, во насока на надградување на инфраструктурата со контејнери, не само за селекција на стакло, туку и за селекција на хартија и пластични шишиња. Целта е да се подобруваат услугите кон граѓаните, но и да се постигне здрава животна средина во главниот град.

Инаку, новите 60 контејнери за селекција на стаклена амбалажа се донација која произлегува од договорот што денеска го потпишаа ЈП Комунална хигиена- СкопјеГрадот Скопје и Германското друштво за интернационална соработка-ГИЗ.  Донацијата е реализирана преку  ЗЕЛС и ГИЗ и се спроведува во рамките на проектот „Управување со отпад од стаклена амбалажа на Западен Балкан”.

Трипартитниот Договор за донација беше потпишан од страна на директорот на  ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов и проектниот менаџер на ГИЗ, Зорица Билиќ.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје веќе има поставено 238 садови за одлагање на стаклена амбалажа во сите скопски општини. Со достапната инфраструктура, лани биле собрани над 465 тони стаклена амбалажа од граѓаните, а директорот на ЈП „Комуналната хигиена“ изрази надеж дека годинава овој резултат ќе се подобри.

„Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.

Од „Пакомак“ на денешниот настан посочија дека со веќе поставените контејнери за собирање на стаклена амбалажа се покриени над 30 отсто од локациите во Скопје на кои се собира комуналниот отпад. Од „Пакомак“ исто така ги повикаа граѓаните да ги користат контејнерите за селектирање на стакло.

Извор:МЕТА

 

Прочитајте повеќе

Тренчевска

Тренчевска: Од денес во СДСМ нека настапат oние неизвалканите од претходните функционери

Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја …