депресија

Со пандемијата не исчезнаа менталните болести кај младите

Минатата година, на околу 110.000 девојчиња за прв пат им била дијагностицирана ментална болест или растројство, односно за 6 отсто повеќе отколку во 2019 година

Проблемите и нарушувањата со менталното здравје беа вообичаени меѓу младите луѓе во екот на пандемијата со ковид-19, но нова студија покажува дека со завршувањето на пандемијата не се решиле во целост проблемите. Имено, бројот на амбулантски и болнички третмани минатата година бил помал отколку во екот на коронавирусот, но сепак бројката е повисока отколку пред пандемијата, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Според оценката на здравственото осигурување ДАК во анализа во која имала увид агенцијата ДПА, бројот на дијагнозите кај девојчињата паднал за 11 отсто, а кај момчињата за пет отсто.

Сепак, менталните болести продолжуваат да зафаќаат повеќе деца отколку во претходните години, особено кај девојчињата. Минатата година, на околу 110.000 девојчиња за прв пат им била дијагностицирана ментална болест или растројство, односно за 6 отсто повеќе отколку во 2019 година.

Во студијата, научниците од Универзитетот во Билефелд анализирале анонимни податоци од околу 794.000 деца и млади луѓе на возраст до 17 години, осигурени во ДАК помеѓу 2017 и 2022 година.

Девојките најчесто страдале од депресија, анксиозни нарушувања и нарушувања во исхраната.

Голема е разликата и во зачестеноста на болестите и нарушувањата на децата според социјалниот статус.

Минатата година, депресијата кај девојчињата од сиромашните домаќинства опаднала на ниво како пред пандемијата, додека кај оние од средната и од високата класа таа се зголемила за 28, односно 29 проценти.

„Се претпоставува дека младите луѓе од социјално загрозени средини не страдаат помалку, туку имаат помала веројатност да бараат третман“, вели Кристоф Корел, директор на клиниката за детска и адолесцентна психијатрија, психосоматика и психотерапија во берлинската клиника „Чарита“.

„Загрижувачка е можноста децата и младите од социјално ранливите семејства да немаат пристап до третман како нивните врсници од другите социјални слоеви“, додаде тој.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Пластика Ѓубре

Планетата Земја го слави светскиот ден задушена во пластика

Пластиката е една од најголемите закани за луѓето и биодиверзитетот, присутна е во секоја животна …