Со поддршка од ДУИ, после полноќ изгласана реорганизација на министерствата

Со поддршка од ДУИ, после полноќ изгласана реорганизација на министерствата

Новото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ, со поддршка од пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ, ги изгласа законските измени со кои се воведуваат нови и се прави реорганизација на дел од постоечките министерства.

Собраниската седница синоќа продолжи и по полноќ, а гласањето се одржа околу 2:30 часот ноќта помеѓу петокот и саботата (7 и 8 јуни). Измените, кои во средата (5 јуни) ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање влада Христијан Мицкоски, се носеа во скратена постапка. „За“ гласаа 88 пратеници, а „против“ беа 22.

Станува збор за измени на Законот за организација и работа на органите на државна управа за што е потребно двотретинско мнозинство – 80 гласа во 120-члениот парламент.

Договор со ДУИ за ад хок комисија во Собранието

ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници.

За да ја има поддршка од дел од опозицијата, во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ постигна договор со ДУИ со кој, како што беше објаснето, за возврат ќе се формира ад хок комисија во Собранието која ќе ја следи правичната застапеност во органите на државната самоуправа. На чело на ова тело ќе биде пратеник од опозицијата.

„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност. Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот фронт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други институции кои се дел од овој закон“, рече координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети од ДУИ, објаснувајќи зошто решиле да гласаат „за“.

Забелешки на опозицијата: Измени за политички пазар, без анализа и дебата

Пратениците од СДСМ и Левица, пак, се противеа на законските измени и начинот на кој се носат тие – во скратена постапка, без анализа и дебата и без вклучување на експертската јавност.

Социјалдемократите обвинија дека со оваа реорганизација на министерствата и државната управа не се прави реформа туку таа е политички мотивирана за задоволување на потребите на новата владината коалиција. Исто така, забележаа дека не се предвидува и колкава ќе биде финансиската импликација.

Поранешната министерка за одбрана, а сега пратеничка, Славјанка Петровска, рече дека мнозинството не можело да има попоразителен почеток.

„За десет дена трипати си го погазивте зборот. И затоа молчите цела ноќ, ама довикувате од место“, рече Петровска.

Таа потсети на дел од изјавите што ги имал Мицкоски против досегашната коалиција на СДСМ и ДУИ порачувајќи дека сега „се поставува прашањето кој во чиј скут седи“.

Во дебата, пратениците на Левица забележаа дека во измените не се вклучени експерти и оти според нив, на овој број население, земјава треба да има помалку, а не повеќе министерства.

„Вие се однесувате како да имате божји а не народен мандат. Се е ставено на брза лента за да може да почне шемата за отплаќање на долговите кон елитите кон кои должите“, рече пратеникот Амар Мециновиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, во соопштението дека добиле поддршка од Европскиот фронт, пак, наведоа дека законските измени биле работени со поддршка од меѓународни партнери и се дел од ИПА програмата на Европската Унија.

Што предвидува законот?

Врз основа на веќе донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе треба да ја предложи новата влада. Рокот од 20 дена за тој да достави владина програма и состав почна да тече во четвртокот (6 јуни) кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му го додели мандатот.

Во законот се изменија 30-тина членови. Тие донесоа 20 наместо досегашните 16 министерства, како и префрлање на надлежности од еден во друг ресор.

Според измените, постоечкото Министерство за економија добива нови, а губи дел од старите надлежности.

Тоа ќе биде Министерство за економија и труд што значи дека ќе земе под своја капа дел од надлежностите на досегашното Министерство за труд и социјална политика МТСП.

Од друга страна, надлежностите за енергетика и рударство ќе преминат во новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Економија ќе ги предаде ингеренциите и за туризмот кој ќе биде дел од реорганизираното Министерство за култура и туризам.

Повеќе економски надлежности ќе има и во досегашното МНР кое ќе биде Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

МТСП, пак, ќе се трансформира во Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Ингеренциите од Министерството за информатичко општество и администрација, ќе ги наследат две нови министерства – едното за дигитална трансформација и другото за администрација.

Досегашното Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците, пак, ќе биде биде само Министерство за односи меѓу заедници.

Ќе има и ново Министерство за спорт. Со тоа ќе се укине Агенцијата за млади и спорт бидејќи нејзините ингеренции ќе ги наследат ова новоформирано министерство и реорганизираното Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Ваквата реорганизација, меѓу другото, ќе донесе и трансфер на вработени. На пример, законските измени предвидуваат вработените во Министерството за економија кои досега ги вршеле работите поврзани со секторот туризам да преминат под капата на трансформираното Министерство за култура и туризам итн.

Преземањето на вработени треба да се случи во рок од пет месеци од влегувањето на сила на законските измени. Тие ќе влезат во сила со денот на објавување во Службен весник, а пред тоа да се случи за измените указ треба да потпише и претседателката Сиљановска Давкова.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …