Историскиот грч Македонија – Бугарија тешко дека може да се реши сега, знаејќи дека во соседната земја во моментов има техничка влада. Иако во јавноста има надеж, техничката влада нема овластување за решавање на спорот со Македонија, туку само да организираат избори. Постои една единствена можност за започнување на преговорите, но тоа би отворило уште поголеми проблеми за нашата земја, велат за Порталб.мк, експертите по европски прашања. Ако се реши овој спор, РСМ ќе може да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, пишува Порталб.мк.
Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа Институт, вели дека иако Владата на Бугарија е техничка и не може ништо да стори околу односот помеѓу двете земји, сепак има претседател со целосен мандат кој, според меѓународното право, може да преземе обврски во име на земјата.
Јасно е, изјавува Стојковски, дека претседателот Радев сака да се наметне себеси како главен партнер на сојузниците и како лидер. Тој сака да докаже дека решението доаѓа преку него. Се разбира, доколку заклучи дека решението е во корист и за неговиот повторен избор наесен, тогаш може да се очекува дека ќе им помогне на двете страни да го постигнат тоа.
„Лично, сметам дека постои можност и дека со потребната доза притисок од сојузниците, и од самата ЕУ, возможно е да се изнајде „решение“, кое ќе гарантира дека целосен излез од застојот ќе се утврди подоцна, а во меѓувреме земјата може да продолжи понатаму. Ако се случи ваков „напредок“, тогаш може да се очекува советот да донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка за земјата и да определи датум за првата меѓувладина конференција. Ова, пак, ќе отвори поголем проблем за нас, бидејќи ќе налага земјата да биде целосно подготвена за преговори и да има целосно функционална структура за преговори“, вели Стојковски.
Од друга страна, според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, меѓу другото, техничката влада во Бугарија информирала дека е врзана со одлуките на парламентот и не може директно да ја промени политиката на нејзините претходници, но во исто време гледаме позитивни промени во речникот на претседателот на Бугарија.
„Спорот со Бугарија е прашање што ќе нè следи долго во преговорите, без оглед кога тие ќе почнат и не може да очекуваме да се реши до јуни. Техничката влада во Бугарија информираше дека е обврзана со одлуките на парламентот и дека не може директно да ја промени политиката на нејзините претходници, но во исто време гледаме позитивни промени во речникот на претседателот на Бугарија. Не се исклучува да се преземе случаен чекор во насока на отворањето на преговорите со услови во врска со спорот со Бугарија, но за ова, шансите се мали. Јасно е дека односите меѓу нашите и бугарските политичари се релаксирани, но во практика треба да се најде решение за преговарачката рамка која сè уште не е на повидок“, смета Кацарска.
Инаку, во последно време интензивирани се заложбите на разни европски претставници за решавање на спорот и за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија во јуни, во текот на португалското претседавање. Португалскиот министер за надворешни работи, Аугушто Сантош Силва и комесарот на ЕУ за проширување и политика за добрососедство Оливер Вархеји ги претставија предложените решенија за спорот, првин во Софија и потоа во Скопје, но досега не е објавен ниту еден детаљ за јавноста, освен дека предлогот не навлегува во прашањето на македонскиот идентитет, како и дека од португалското претседателство се водела грижа за двете страни. Претставниците на земјата се изјасниле дека овој предлог е потребното решение, меѓутоа од бугарската страна, повторно не попуштаат.
Потсетуваме дека Северна Македонија ги исполни условите и доби зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Меѓутоа, процесот е во застој откако односите меѓу Северна Македонија и Бугарија станаа тензични поради историските спорови. Официјална Софија бара Скопје да ги прифати бугарските барања дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот јазик и дека македонската нација е создадена од Тито. Претходно, во еден документ од шест страници, со долги историски образложенија за „државни анти-бугарски идеологии“ во Северна Македонија, Бугарија им испрати објаснувачки меморандум на земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за почеток на преговорите со Унијата.
Овој спор го блокираше процесот на европските интеграции на земјата, со што Бугарија два пати стави вето на Северна Македонија, еднаш во Советот на министри за надворешни работи на ЕУ како и во Советот за општи работи на ЕУ, на овој начин спречувајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за почеток на преговорите на земјата со ЕУ. За решавање на историските спорови, македонско-бугарската комисија одржуваше средби, но не успеа да изнајде решение. Страните најмногу несогласувања имаат околу идентитетот на историските личности Цар Самоил и Гоце Делчев.
Челниците на Северна Македонија, иако се обидоа да ги ублажат тензиите, уште еднаш се изјаснија дека нема да преговараат за нивниот идентитет, бидејќи тоа е во спротивност на темелните начела на самоопределување и стандардите на ЕУ.
Конечно од агендата на Европскиот совет беа симнати и заклучоците за Западен Балкан на 18 декември, бидејќи немаше едногласност меѓу членките на Европската Унија.