Собранието ги прифати предлозите за министри и заменици министри во Владата на РСМ

Собранието ги прифати предлозите за министри и заменици министри во Владата на РСМ

По дводневна расправа, Собранието на Република Северна Македонија вчера го прифати предлогот за избор на министри и заменици министри во Владата на РСМ.

Претседателот на Владата, Зоран Заев пред пратениците во Собранието на државата имаше свое експозе со кое ги образложи предлозите за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија, за упразнетите позиции за министри или заменици министри во одделни ресори.

Премиерот Заев за нови членови на Владата ги предложи, а Собранието ги прифати Нина Ангеловска, за министерка која ќе раководи со Министерството за финансии и Хисен Џемаили, за министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Во образложението за предлогот Нина Ангеловска да биде министерка за финансии, Заев истакна дека Ангеловска со своите 31 година, е пример дека сите млади луѓе во земјата имаат шанса да се стекнат со ваква позиција, но и со одговорност.

Нина Ангеловска, истакна премиерот Заев, дипломирала на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ – Економски факултет на одделот Е-Бизнис како најдобар студент на генерацијата и со постигнат успех од 9,94, а во 2016 година се стекнува со научен назив Доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Веднаш по дипломирањето стекнатото звање го применува во пракса и професионалната кариера ја започнува со основање на првиот веб сајт за групни попусти во Македонија – Групер.мк, со што го предизвикува раздвижувањето на пазарот на е-трговија во земјата. Доживува огромен успех, станува лидер на пазарот и се здобива со бројни награди и признанија“, рече Заев и додаде дека нејзиниот потенцијал и напорна работа се меѓународно препознаени.

„Во 2016 година еминентниот германски магазин The Hundert ја вбројува Ангеловска во листата на 100 успешни жени основачи на старт-апи во Европа, а во 2018 година магазинот Forbes ја наградува со престижното признание „30 под 30” за Европа, во категоријата Малопродажба и Е-трговија. Од 2018 година Ангеловска е член на управниот одбор на Европската Асоцијација за e-трговија и член на советодавниот одбор во Фондацијата за е-трговија“, нагласи премиерот Заев. Укажувајќи и на други поединости од нејзината биографија, Заев напомена дека во 2019 година Нина Ангеловска станува и член на управниот одбор на Стопанската Комора на Македонија, при што ја прифатила поканата на УНКТАД да биде жена амбасадор за дигитална трговија.

Во своето образложение Хисен Џемаили, да биде министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, премиерот Заев истакна дека Џемаили има долготрајна политичка и академска кариера, Претседателот на Владата потенцираше дека Џемаили доаѓа од катедрата по географија на Државниот универзитет во Тетово. Неговите академски специјалности се економските аспекти на одржливиот развој, што воедно е и тема на неговиот докторат во тек, како и животната средина и локалниот економски развој, и дека во неговата политичка кариера остварил значаен придонес како пратеник во Собранието на нашата земја и како советник во локалната самоуправа во општина Тетово.

„Убеден сум дека двајцата кандидати ќе дадат сериозен придонес, особено што се работи за експерти во економијата која го доби врвниот приоритет на Владата за оваа година“, потенцираше премиерот Заев во своето образложение за избор на министри во Владата.

На собраниската седница беше прифатен и предлогот за заменици министри да бидат избрани Кирил Колемишевски, за заменик министер во Министерството за економија; Елизабета Наумовска, за заменик во Министерството за образование и наука и Неџат Мехмедовиќ, за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …