Автобус јавен превоз

Сојузот на средношколци со иницијатива до Уставниот суд за бесплатниот јавен превоз

Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци рече дека сегашните одредби се косат со членовите 9 и 44 од Уставот, со оглед на тоа што моменталната состојба не ги третира средношколците подеднакво

Право на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци, побара денеска Сојузот на средношколци, поднесувајќи иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 а од Законот за средното образование.

Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци рече дека сегашните одредби се косат со членовите 9 и 44 од Уставот, со оглед на тоа што моменталната состојба не ги третира средношколците подеднакво, бидејќи има повеќе категории средношколци кои немаат право на бесплатен и праведен јавен превоз, како на пример средношколците од приватните училишта.

„Членот 9 гласи дека граѓаните на Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Ние ги оспоруваме токму клаузулите за социјалното потекло и имотната и општествената положба. Членот 44 од Уставот гласи дека секој има право на образование, а образованието е достапно на секого со подеднакви услови. Поради овие причини, ние поднесуваме иницијатива до Уставниот суд и веруваме дека судот ќе пресуди во наша корист“, додаде Павиќевиќ.

Од Сојузот на средношколци и претходно соопштуваа дека во државата има 71.000 средношколци, од кои 2.000 учат во приватните училишта. Сојузот бара и тие да имаат бесплатен превоз, како и учениците кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето, а немаат право на бесплатен превоз. Превоз на учениците им треба и кога одат во летните месеци на феријална практика. И учениците со попреченост, односно учениците со посебни образовни потреби, го немаат ова право.

Сојузот на средношколци во март годинава достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование до Собранието и побара сите ученици кои се запишани во јавните и приватните средни училишта, да можат да се возат бесплатно во јавниот превоз.

„Им дадовме рок од два месеци, односно до 15 мај истиот да го стават во постапка и да го донесат, бидејќи не стануваше збор за некој обемен и сложен закон туку за интервенција во само еден член“, рече Павиќевиќ. 

Со оглед на тоа што законски измени не беа донесени, Сојузот на средношколци одлучил да поведе иницијатива пред Уставниот суд.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“

Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“

Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска,  во салата …