Спасовски: Очекуваме со новата методологија да дојде и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ пред самитот во Загреб

Спасовски: Очекуваме со новата методологија да дојде и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ пред самитот во Загреб

Влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели-членството во Европската Унија, во кој со право очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава-кандидат за членство, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на денешната заедничка прес конференција со еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји, кој денеска е во еднодневна работна посета на нашата земја.

Премиерот Спасовски и еврокомесарот Вархеји во Владата имаа тет-а-тет средба, по што ги предводеа разговорите на билатералната средба на делегациите на Владата на Северна Македонија и на Европската Комисија.

„Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската Комисија минатата година кога на Европскиот Совет му беше препорачано итно и безусловно стартување на пристапните преговорите. Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност. Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година откако нашата земја направи сѐ што се очекуваше за да ги стартуваме преговорите“, рече премиерот Спасовски не прес конференцијата.

Иако доживеавме разочарување, нагласи Спасовски, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување.

Тој изрази благодарност за јавните изјави на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен и на Комесарот Вархеји дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што поскоро и дека програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.

„Европската Комисија отсекогаш била, и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште посилна мотивација за спроведување на реформите. За нас е од особено значење што Европската Комисија по Европскиот Совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската до крајот на овој месец да биде презентиран документ со предлог за изменета методологија за водење на пристапните преговори“ потенцираше претседателот на Владата Оливер Спасовски.

Тој истакна дека нашата земја е заинтересирана што побрзо да се објави методологијата и да се постигне консензус за отворање на преговорите час поскоро.

Премиерот Спасовски на прес конференцијата рече дека го информирал еврокомесарот Вархеји за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.

„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт.  Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност, и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија и да се следат внимателно одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија за да не се доведат во ризик“, нагласи Спасовски, и додаде дека сите политички фактори кои учествуваат во Владата треба да бидат на висина на задачата и одговорноста која ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.

Еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји на прес конференцијата потврди дека проширувањето на ЕУ за новата Комисија е приоритет и дека нивна оценка е дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори. Тој додаде дека ќе се настојува одлуката за тоа да биде донесена со новата методологијата пред самитот во Загреб, која ќе биде објавена заедно со економски план за поддршка на регионот за да се започне процес за намалување на разликата на животните стандарди на земјите од регионот со земјите членки на ЕУ.

Вархеји потенцираше Република Северна Македонија покажа напредок и постојана динамика на реформите и дека како награда за функционалното искористување на фондовите на ЕУ, тој му предложил на Европскиот Парламент да ја награди земјата со 50 милиони евра за поддршка на спроведување на реформите.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …