Срам да ви е!

Срам да ви е!

Пишува: Зоран Милошески

„Оној кој е без грев, нека го фрли првиот камен“

На маката се познаваат јунаците. Ама и кукавиците. Отсекогаш така било, така е, така и ќе биде. Соочени со пандемијата, изминативе денови и недели сите се најдовме на мака. Кој на помала, кој на поголема. За жал, иако сме на почетокот на патот кој треба да го изодиме, пат кој ќе биде трнлив, долг, тежок и мачен, уште на првата кривина го изгубивме компасот.

До пред само некој ден, додека мечката не заигра и на нашата врата, устата ни се лепеше од слатки зборови дека, ако дојди и кај нас чумата, ќе изгинеме „сите за еден“. И, што се случи?

Чумата дојде, а ние уште еднаш го покажавме вистинското лице – дека сме обични егоисти, лицемери и медиокритети, кои по цел божји ден на социјалните мрежи дебатираат на ниво на експерти за се’ и сешто: од 5G технологијата, преку вселенската програма на НАСА, до бесполовото размножување на едноклеточните зелени алги. Докажавме дека, всушност, не сме ништо повеќе од себични, неизживеани и самодоволни суштества, кои се грижат само и единствено за сопствениот г.з и сопствената кожа. И ништо повеќе од тоа!

Прилеп е само еден од градовите во кои COVID-19 ги пушти своите пипци. Филипче не беше ни стигнал да ја соопшти информацијата, прилепчани веќе „знаеја“ се’: и кои се луѓето, и како заболеле, и каде биле. И, што е најважно, што треба да се прави со нив! Десетици и десетици самопромовирани “спасители“ на човечкиот род, се самоназначија во епидемиолози, полицајци, обвинители и судии, и како жолти мрави им се нафрлија на своите сограѓани и нивните семејства. Што се’ не се кажа, какви се’ гадости не се напишаа на нивните фејсбук профили, колку одвратни СМС пораки не се испратија на нивните мобилни телефони…

Се надмина секоја граница, се преминаа сите црвени линии на достоинствено и човечко однесување, а се отиде и чекор подалеку: од властите се бараше, и уште се бара, јавно да ги соопштат имињата и адресите на живеење на инфицираните со коронавирус!

А можеа да побараат и друго… На пример, да им ги обележиме домовите со крстови? Или пак, да им врзиме жолта лента на раката? Или, наједноставно, да ги собереме сите на купче и да ги запалиме на клада? И така, еднаш засекогаш, да го спасиме светот!

Битолчани пак, поточно дел од нив, се надминаа себеси.

Тешко е со одбрани и пристојни зборови да се опише лудилото кое го манифестираа против македонските граѓани, кои со авиони беа вратени од странски држави и сместени во државен карантин во хотел во центарот на Битола.

Стигматизирањето на граѓани на кои им е направена епидемиолошка анкета, за кои воопшто и не се знае дали се заболени од коронавирусот и кои 14 денови ќе останат во објект кој е строго контролиран од војската и полицијата, се граничи со мизантропија од најекстремен вид.

Луѓе кои себеси се претставуваа за интелектуалци и космополити, за неполни 24 часа се демаскираа, си ги покажаа „роговите“, се помножија со „нула“ и станаа тоа што во стварност и биле – обични нули!

Не ме чуди тоа што и најголемата опозициска партија во Битола излезе со официјален став, дека локалната власт требало да изнајде „посоодветна“ локација за карантинско сместување. Оти, од оние кои ги поддржаа поповите кои коронавирусот во градовите од Повардарската епархија го бркаа со света вода, друго и не може да се очекува. Меѓутоа, изненадува молкот на „борците“ за човекови права, невладините, непартиските, независните и не знам кои се „не“ здруженија, кои не застанаа во заштита на граѓаните кои во погрешно време се затекнале на погрешно место. Или ако не друго, барем да кажеа став по ова прашање, макар и спротивен. Вака, молкот значи одобрување на „дежурствата“ пред хотелот и хајката против 120 граѓани за кои важат истите закони како и за нив и на кои утре, кога ќе поминат пандемијата и лудилото, ќе треба да им погледнат во очи.

Впрочем, фејсбук статусот на првиот битолчанец инфициран со коронавирусот, е најдобриот можен одговор против озборувањата, исмејувањата, цинизмот и непристојноста на збеснатата прилепска и битолска орда:

„Почитувани битолчани, мои сограѓани,

Ми фрлифте анатема за корона вирусот, ме издвојувате од заедницата и ме предавате на милост или божји суд .Читам најразлични коментари од исмејување, цинизам, па дури и непристојности. Ги ширите вашите негативни коментари побрзо и од корона вирусот, а некои и дури како да чувствуваат задоволство“.

Солидарност? Емпатија? Човекољубие? Зборувајте ми малку за тоа!

ПС: За прв пат нема да дозволам и да објавам било каков и било чиј коментар кој е во насока на поддршка на мизантропите, а сите мои фејсбук пријатели чии ставови по ова прашање се дијаметрално спротивни на искажаните во текстот, ќе ги замолам да ме отстранат од листата на пријатели.

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …