Белград Србија

Србија оди на избори на 17 декември, Вучиќ и Шешељ ќе настапат заеднички

Реакции во српската јавност предизвика изјавата на претседателот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, кој најави дека неговата партија ќе настапи со партијата СНС позади која стои Александар Вучиќ на белградските и локалните избори на 17 декември

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги распиша предвремените парламентарни избори за 17 декември, додека претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ за истиот датум ги распиша локалните избори за 65 градови и општини во Србија, пренесува Н1.

„На образложениот предлог на владата од 30 октомври, донесувам указ за распуштање на Народното собрание, го распуштам Народното собрание избрано на 3 април 2022 година“, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ.

Истовремено, на 17 декември во Србија ќе се одржат и локални избори во 65 општини низ целата земја. Граѓаните ќе гласаат на изборите за нови општински совети и градоначалници во Белград, Крагуевац, Краљево, Крушевац, Шабац, Лесковац, Нови Пазар и други населени места, но не и за Ниш, Нови Сад и за белградските општини, каде што српската опозиција има значителна поддршка.

Српската опозиција бараше предвремени парламентарни и локални избори во земјата, на што актуелното раководство во Србија предводено од Вучиќ се согласи на одржувањето избори.

Реакции во српската јавност предизвика изјавата на претседателот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, кој најави дека неговата партија ќе настапи со партијата СНС, зад која стои Александар Вучиќ, на локалните избори и изборите во Белград на 17 декември, пренесува весникот Данас.

„Имав разговори со Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ и Дарко Глишиќ и договоривме СРС да оди во коалиција со СНС на белградските избори и на општинските и градските избори во внатрешноста на Србија. Нашите претставници ќе бидат застапени на кандидатските листи и ќе учествуваме после изборите во извршната власт“, изјави Шешељ.

Српската опозиција денеска реагираше на ваквиот расплет. Опозицискиот лидер Драган Ѓилас искоментира дека заедничкиот настап на изборите на Вучиќ и Шешељ е доказ за враќањето на српскиот претседател на радикалската политика за навреди, омраза, насилство и изолација на Србија што Александар Вучиќ се обидувал да ја сокрие во изминатите 10 години.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …