Новото зголемување на пензиите, кое стартува од 1 јануари, 2020 година, и мерките со кои Општина Прилеп им го олеснува секојдневниот живот на најбројната категорија на граѓани – пензионерите, беа тема на денешната средба на градоначалникот Илија Јованоски со членовите на Здружението на пензионери од нашиот град, во нивните простории.

„Посебно ми е драго што од наредната година започнува линеарно зголемување на пензииите, затоа што најголем дел од пензионерите се задоволни со такво зголемување, а не со процентуално. Тоа значи дека од почетокот на идната година, сите категории на пензионери подеднакво добиваат по 700 денари повеќе, а со усогласувањето дополнително им следуваат уште околу 200 денари, што значи пензиите растат за околу 900 денари месечно, што секако не е за потценување.

Многу ме радува и тоа што зголемувањето и услогласувањето на пензиите, е направено без земање на кредити и ново задолжување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што е многу важно за државата и што значи дека се стабилизира Фондот, а сигурен сум дека Владата ќе ја оствари оваа мерка, без да има било какви пореметувања или потреси во целокупното општествено живеење.

Локалната самоуправа има отстапено простории за здружението на пензионери, кое заедно со пензионерите од општините Долнени и Кривогаштани брои околу 14.500 пензионери, од кои 12.500 се од Прилеп, и како најбројна категорија на граѓани во нашата општина, секогаш може да сметате на мојата и на поддршката од Општина Прилеп“, потенцираше градоначалникот Јованоски во неговото обраќање пред прилепските пензионери.

„Ми се чини дека најголема грешка е направена во 2014 година, кога Законот за усогласување на пензиите беше ставен во мирување. Со тој закон, пензионерите добиваа зголемување од 50 отсто од покачувањето на животните трошоци и 50 отсто од покачувањето на просечната плата во државата. Но, тоа се стави во мирување, а пензионерите добија 2 пати покачување по 500 денари, еднаш 600 денари, за да сега добијат зголемување на пензиите од 730 денари, кое со скалесто покачување достигнува до 900 денари“, истакна претседателот на Здружението на пензионери, Славе Трајкоски

Присутните го искажаа своето задоволство од воведувањето на бесплатен градски превоз за пензионерите, во траење од 4 часа, секој работен ден, при што нагласија дека тоа во голема мера им го олеснува живот и извршувањето на секојдневните обврски.

На средбата стана збор и за обезбедување на дополнителни простории за месните ограноци на Здружението на пензионери, кои би служеле како клубови за секојдневна дружба на пензионерите во разни делови на градот.