Средношколски тимови од Кочани, Кичево, Битола, Кавадарци и Радовиш со поддршка на ментор, на тридневниот настан „UPSHIFT Bootcamp“ ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со производство и заштеда на енергија. На настанот за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со енергијата во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) учествувале вкупно 10 средношколски тимови, од кои пет беа прогласени за победници.
Учениците од гимназијата „Љупчо Сантов“ од Кочани, како еден од победничките тимови ќе изградат 12 топлински цевки за загревање на воздухот кои трошат 59 отсто помалку електрична енергија, а со нив целосно ќе се загреваат шест училници во училиштето.
Средното училиште „Мирко Милески“ од Кичево ќе направи и постави плочки во училишниот ходник кои преку магнетна индукција ќе произведвуаат електрична енергија од чекори, со што ќе се направи затшеда на струја од 1.800 киловат часови или околу 48.000 денари годишно.
Меѓу победниците е и Државното музичко училиште – Битола кое ќе постави батерии за чување на електрична енергија што ќе се добива од електрични велосипеди и ленти за трчање поставени во училишната теретана, со што се очекува месечна заштеда на сметките за струја од околу 30 отсто.
Учениците во СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ од Кавадарци предложија конструирање топлински акумулатор од песок за складирање на енергија произведена од вишокот од фотоволтаичните панели на училиштето. Овие акумулатори ќе се користат за целосно загревање на училишната работилница, со што на годишно ниво се очекува заштеда од 120.000 денари.
Радовишкото училиште „Коста Сусинов“ ќе постави три велосипеди со вграден генератор за произведување на електрична енергија, а произведената струја ќе се користи за загревање на училишната сала, со што ќе се направи заштеда од 15.000 денари на годишно ниво.
Победничките тимови добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.
Програмата „UPSHIFT“ наменета за ученици од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик или проблем во нивната заедница ја спроведува Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) со поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Амбасадата на Шведска во Северна Македонија.
Извор: МЕТА