Средношколци од Прилеп со бизнис идејата „MultiBox” победија на натпреварот на Џуниор Ачивмент Македонија

Со решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел „MultiBox” средношколците од средното училиште Кузман Јосифовски – Питу од Прилеп победија на натпреварот во претприемнички вештини организиран од Џуниор Ачивмент Македонија. Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

Второнаградениот тим од гимназијата Никола Карев од Скопје понуди повеќенамески кујнскиапарат (тостер, сецко и кафемат), додека третата награда ја доби тимот од гиманзија Раде Јовчевски Корчагин, кој понуди иновативно решение за трпезариска маса. Масата врши дополнителна функција по избор на потрошувачот – уметничко дело, слика, огледало, ѕвездено небо.

На натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година, учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип.

Џуниор Ачивмент (ЏА) Македонија поттикна вклученост и од бизнис заедницата, со што учениците имаа можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, да ги покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.

„Особено сме горди на партнерството со Џуниор Ачивмент, организација која ги подготвува младите за работа во иднина, помагајќи ги да станат финансиски независни и храбри во развојот на претприемнички компетенции. Нашата цел е да создадеме можности за младите да бидат ангажирани овде во својата земја. Сакаме да ве охрабриме да станете идни лидери. Ова е особено важно за младите да останат и да придонесат кон економскиот просперитет и демократското јакнење на земјата“ истакна на вчерашната онлајн церемонија за доделување награди, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.

Извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска пак, заклучи дека „кампот на иновации кој се одвива шести пат по ред претставува место каде учениците можат да научат нови корисни вештини за презентирање и тимска работа како и да ги зајакнат своите компетенци и вештини за предизвиците на современиот пазар на труд.”

Овој натпревар е дел од Проектот на УСАИД за Поддршка на претприемничко учење во Југоисточна Европа и Евроазија, имплементиран од Џуниор Ачивмент Македонија, кој им овозможува на младите да стекнат практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење, потребни за успешно водење на економијата во земјата. Победничките тимови покрај освоените награди ќе имаат можност да ги искористат и стипендиите за студирање кои им ги додели Бизнис Академија Смилевски од Скопје.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …