Според огласот, на распродажба се ставени два стана во Охрид – едниот од 46 квадратни метри е со цена од 94.000 евра, додека другиот (58 квадратни метри и помошни простории од 56 квадратни метри) се продава за 146.000 евра
Агенцијата за управување со недвижен имот на лицитација го стави дел од имотот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, запленет за случајот „Империја“. Лицитацијата ќе се одржи на 25 август.
Според огласот, на распродажба се ставени два стана во Охрид – едниот од 46 квадратни метри (плус 19 квадратни метри помошни простории) е со цена од 94.000 евра, додека другиот (58 квадратни метри и помошни простории од 56 квадратни метри) се продава за 146.000 евра. Станува збор за два стана во иста зграда.
Понатаму, на продажба е ставено и земјиште во Морани и градежно неизградено земјиште во Радња.
Претходно, за тргување на Македонската берза за хартии беа ставени акциите запленети од предметот „Империја“ кои се во сопственост на Мијалков. Акциите во „ТТК“ банка, Тутунски Комбинат „Прилеп“, „Акцелор Митал“, Стопанска Банка Битола, „Попова Кула“, „Халк Банка“, Југотур и РЖ Услуги се продаваа во пакет, но не се продадоа.
Мијалков призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството, по што државата му конфискуваше имот во вредност од 15.000.000 евра. На списокот има вкупно 33 имотни листови.
Пријавувањето за становите во Охрид трае до 23 август, а лицитацијата ќе се одржи два дена потоа.