ученици млади

Младите почесто посетуваат лекари и психолози, зголемена е употребата на психоактивни супстанци

Ако се погледне извештајот, може да се види дека вкупниот обем на остварени здравствени услуги и активности извршени во 2022 година бележат пораст од 11,4 индексни поени во однос на 2021 година

Децата и младите во земјата изминатата година повеќе посетувале лекари, психолози и логопеди во споредба со 2021 година, покажува извештајот на службата за здравствена заштита на училишни деца и младина за 2021 и 2022 година, кој го објави Институтот за јавно здравје во пресрет на 12 август, Светскиот ден на младите. Во врска со дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина, во ИЈЗ информираат дека таа се остварува во 33 места – пунктови во државата.

„Во оваа дејност работат 65 лекари и 83 здравствени работници со виша и средна стручна подготовка. При тоа не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 5.448 деца од 7-19 години просечно за државата“, наведено е во информацијата на ИЈЗ.

Ако се погледне извештајот, може да се види дека вкупниот обем на остварени здравствени услуги и активности извршени во 2022 година бележат пораст од 11,4 индексни поени во однос на 2021 година. Зголемен е бројот на посети во ординација кај лекар, како и бројот на посети кај здравствени работници, но и посети кај психолог и логопед, од 1.871 во 2021 година, на 2011 посети во 2022 година.

Младите почесто посетуваат лекари и психолози, зголемена е употребата на психоактивни супстанци
Фото: Институт за јавно здравје

Во однос на морталитетот, во 2022 година регистрирани се вкупно 105 умрени лица на возраст од 5 до 24 години. Младите луѓе од 15 до 24-годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација, и тоа со 68,6 отсто учество. Машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.

Младите се загрозени од општествените влијанија на кризата

Иако младите како категорија не се најризична група на заболени, тие се многу загрозени од општествените и економските импликации од кризата, потенцираат одговорните во ИЈЗ.

„Со оглед на тоа што станува збор за граѓани со клучна улога за одржливоста на општеството и неговата иднина, мора да се преземат мерки за заштита на младите и намалување на негативните последици врз нив. Оваа возрасна категорија сочинува околу една четвртина од вкупното население“, наведено е во информацијата од Институтот.

Оттаму потсетуваат дека пандемијата и мерките за заштита од ширење на болеста имаат голем ефект врз младите. Учениците и студентите беа првите кои го променија својот начин на живот со затворањето на образовните институции, во импровизираните онлајн училници, кои и покрај најдобрите намери, нејасно е колку се ефективни.

„Постојат млади без пристап до интернет и технологија чии родители не можат да им помагаат во учењето, и се под ризик уште повеќе да заостанат зад своите врсници. Отворените прашања како полагањето матура, уписите на факултет или почетокот на новата година создаваа голема неизвесност, особено кај младите кои треба да преминат од еден во друг степен на образование. Од друга страна, вознемиреноста на возрасните и притисокот да се биде постојано во рамки на семејниот систем направи дополнително негативно влијание врз менталното здравје на младите“, велат во ИЈЗ.

Потребна е здравствена едукација

Одговорните во ИЈЗ велат дека е потребно да се подигне свеста на младите преку програми за здравствена едукација на сите нивоа, за да се укаже на значењето на сопственото здравје и севкупната благосостојба.

„Потребно е активно учество во имплементација на здравствените програми, за да се применат знаењата стекнати со здравствена едукација за здрави животни стилови. Треба да се подигне и свеста на младите за ризикот кој постои по нивното здравје со цел намалување на ризичното однесување“, додаваат оттаму.

Во врска со менталното здравје, најчести симптоми на нарушено ментално здравје кај младите се искуствата на анксиозност, депресија, панично и фобично расположение, самоповредување и суицидалност, соочување со загуба, криза на идентитет, поместена агресија, зависно однесување меѓу кое интернет зависност, домашно насилство, насилство во врска, неактивност и пасивизација, негрижа за себе, ниска самодоверба, безнадежност и очај, силна психосоматизација, негативна слика за себе, силна фрустрација и ниска толеранција.

„Состојбата со пандемијата сериозно се одразува врз младите во смисла на почесто конзумирање на психоактивни супстанци, како легални (алкохол, лекарства, тутун) така и нелегални (хероин, марихуана, амфетамини). Зголемена е и ризичната употреба на психоактивни супстанци вклучително и употреба на комбинација на лекарства и алкохол. Затоа треба да се организира систем на поддршка за ментално здравје на млади кој ќе содржи психоедукација“, се наведува во препораките од ИЈЗ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Меџити - Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Меџити – Нема по секоја цена да бидеме дел од идната влада

Ќе учествуваме во влада којашто ќе биде европски настроена и која ќе се нафати да …