Стартуваа подготовките за осмиот по ред турнир во мал фудбал „Свети Никола 2018“

Од 7 до 25 декември, во Прилеп по осми пат ќе се одржи турнирот во мал фудбал „Свети Никола 2018“. Турнирот е во организација на Локалниот спортски сојуз и Општина Прилеп, а покровител е компанијата „Комфи Ангел“. Турнирот се одржува во чест на патронот на градот, Свети Никола, кој и оваа година ќе има хуманитарен карактер.

Потпишувајќи го меморандумот за соработка со Локалниот спортски сојуз – Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека средствата од годинешниот турнир ќе бидат наменети за децата со ретки блести.

 

„Турнирот ќе започне на 7 декември и ќе трае до 25 декември, кога ќе се одржат финалните натпревари во различните возрасни групи. И оваа година турнирот ќе биде од хуманитарен карактер. Минатата година собраните средства во висина од 180.000 денари му беа донирани на Центарот за лица со церебрална парализа, а годинава тие ќе бидат наменети за децата со ретки болести, како што е цистичната фиброза. Тоа е ретка болест и овие пациенти имаат целогодишна терапија, заради што им се потребни поголеми финансиски средства. Се надевам дека и оваа година ќе имаме одговорни компании и граѓани кои ќе го поддржат светиниколскиот турнир во мал фудбал и дека на него учество ќе земат голем број екипи“, изјави градоначалникот Јованоски.

Сопственичката на компанијата „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска рече дека и’ е особено драго што продолжува традицијата на одржување на турнирот во мал фудбал, од причина што еден од иницијаторите за негово одржување е нејзиниот татко Велимир Јакимоски.

„Нашиот став како компанија, е дека доколку имаме континуитет и квалитет во одржувањето на турнирот, само така можеме да градиме историја. Сакам да потенцирам дека освен што ‘Комфи Ангел’ и понатаму ќе учествува во неговата организација, не треба да го заборавиме главниот актер кој што го иницираше турнирот, а кој физички не е повеќе меѓу нас, мојот татко Велимир Јакимоски. Се надевам дека повторно фудбалот ќе победи и ќе имаме можност да гледаме квалитетни натпревари“, истакна Јакимоска.

Што се однесува до делот на техничката припрема на турнирот „Свети Никола 2018“, Рубин Илиоски од Локалниот спортски сојуз – Прилеп нагласи дека подготовките се одвиваат според планот.

„Наградниот фонд на турнирот изнесува 330.000 денари, од кои 160.000 се за првото место, 90.000 за второто и 60.000 денари за третото место. Наградата за првопласираната екипа кај ветераните е 20.000 денари, а најдобрите во конкуренција на најмладите ќе добијат блузони, дуксерки и фудбалски топки. Пријавувањето до 4 декември ќе изнесува 5.000 денари за сениори, 3.000 за ветерани и 1.500 денари за пионери“, потенцираше Илиоски.

Турнирот во мал фудбал е дел од повеќето манифестации кои што се одржуваат во чест на одбележувањето на патронот на градот Свети Никола, чие чествување се одржува на 19 декември, а чиј годинешен домаќин е семејството на градоначалникот Јованоски.

Прочитајте повеќе

По барање на семејствата на загинатите поворката низ Скопје е откажана

Денес посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија ќе …