„Еден од оние проекти кои ги реализиравме во последните 4 години и со кој како градоначалник посебно се гордеам, е проектот ‘Прилепско езеро – нови авантури, нови можности’, односно спортско-рекреативниот комплекс кој денеска и официјално го ставаме во употреба. Основната идеја од која се водевме при неговата реализација, беше да го вратиме сјајот на некогаш најпопуларното и омилено излетничко место на прилепчани. Како што самите можете да видите, целта е постигната“, рече на денешната промоција на спортско-рекреативниот комплекс кај Прилепското езеро, градоначалникот Илија Јованоски.

Еден од најубавите спортско-рекреативни комплекси во нашата земја, располага со содржини за сите возрасни категории на граѓани:

  • мултимедијален простор под сенките на зимзелената шума, комплекс од 3 летниковци и 20 клупи за седење;
  • плато за одржување на културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите;
  • кошаркарско игралиште со трибина;
  • игралиште за одбојка и 4 маси за пинг-понг, оградени и осветлени за користење во вечерните часови;
  • 4 детски игралишта со соодветни содржини за најмладите посетители;
  • пешачкa патекa со широчина од 1,5 метри и должина од 700 метра, осветлена со канделабри по целата должина;
  • пристапна рампа, со што на лицата со инвалидитет им е овозможен пристап до сите содржини од спортско-рекреативниот комплекс.

Исто така, за одржување на чистотата, набавени се контејнери и ново комунално возило за подигање на сметот, со капацитет од 13 метри кубни, изграден е паркинг простор за моторни возила и за велосипеди, а на целиот потег во зоната поставени се клупи, корпи за отпадоци, информативни табли и патокази.

Градоначалникот Јованоски напомена дека последниве години Прилеп го најде своето место на меѓународната мапа за активен туризам кој вклучува болдеринг, велосипедизам, параглајдинг и планинарење, а со фактот што спортско-рекреативниот комплекс е на оддалеченост од околу 6 км од градот, со понудените содржини за очекување е тој да биде една од најпосетуваните локациии за сите љубители на спортот, рекреацијата и излетот во природа.

Заблагодарувајќи им се на сите оние кои помогнаа во неговата изградба, градоначалникот Јованоски упати апел до секој жител на општина Прилеп, до секој посетител на овој комплекс:

„И покрај тоа што е ангажирана служба за негово одржување и видео надзор, секој од нас има должност и одговорност да го чува и одржува овој прекрасен спортско-рекреативен комплекс. Со личен пример, да покажеме грижа за нешто што претставува општествено добро, простор кој што треба со години и децении да ни служи нам и на идните генерации“, нагласи Јованоски.

Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), Антонија Шишак, не го криеше задоволството од она што може да се види како краен резултат на реализираниот проект.

„Проектот се спроведуваше преку кабинетот на заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација со економски ресори и институции, Фатмир Битиќи, а е реализиран и администриран преку Светска банка. Тоа значи дека се запазени сите процедури кои што ги користи Светска банка, особено во делот на заштита на животната средина. Се приклучувам кон апелот на градоначалникот да го зачуваме овој прекрасен простор, да го надоградуваме, да водиме сметка за него, бидејќи сметам дека е едно прекрасно место каде не само прилепчани, туку и гости од страна може да дојдат и да уживаат во убавините и во можностите кој што ги нуди овој спортско – рекреативен центар“, потенцираше директорката на ПЛРК, Антонија Шишак.

Она кое што треба да се истакне, е дека целиот објект е изграден од природни материјали – камен и дрво, со цел да се задржи природниот амбиентален изглед.

Вкупната вредност на проектот изнесува 49.5 милиони денари, од кои 6 милиони се сопствено учество на Општина Прилеп.

Подпроектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“, е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.