Стефан Младеновски, обвинет за упадот во Собранието на 27 април: Ни рекоа дека во 22 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба

Стефан Младеновски, обвинет за упадот во Собранието на 27 април: Ни рекоа дека во 22 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба

Сведочење на Стефан Младеновски, обвинет за упадот во Собранието на 27 април минатата година:

„Кога беше објавена тиранската платформа, почнаа протестите на ‘За заедничка Македонија’. Учествував повеќепати со мојот брат и екипата на Нинџа, со кој се чекавме кај ‘Палома бјанка’. Со протестите не сум многу запознаен, но знам дека имаше логистичка поддршка од сите разграноци од ВМРО-ДПМНЕ, ‘југото’ што секогаш одеше напред беше од ОК Кисела Вода. На протестите се знаеше дека кога ќе дојде денот СДСМ да прави Влада и да избере претседател на Собранието, треба да се влезе во Собранието.

Нинџа повторно во февруари нè викна во ‘Аристократ’. На таа средба Никола Бошкоски ни кажа дека државата ни е загрозена и дека мора да се одбрани. УБК ќе стои зад нас и сите наредни насоки ќе ги добиваме од Нинџа. Нинџа кажуваше дека има насоки кој да се следи, дали има провокатори. Димовски на еден протест ни покажа жена со руса коса со камера и ни кажа дека таа жена секој ден е присутна на протестите со акредитација на странски медиум и доколку биде забележана, треба да се извести Нинџа, потоа тој УБК. Подоцна дознав дека жената била приведена и дека се работи за лице на ЦИА. На средина на протестите од Нинџа разбрав дека Владимир Атанасовки, кој беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, му кажал да ги контактира патриотските здруженија. Нинџа за нив секогаш велеше дека се кретени и дека треба да се искористат и дека се набилдани идиоти без муда.

На 27 април, околу 13 часот, на мојот брат му се јави Кољо и нè викна да одиме во ‘Дион’ на ручек. Стигнавме околку 14 часот, беше присутен Нинџа со својата екипа од 15-20 луѓе. Кога стигнавме таму, Нинџа нè извести дека денес е денот. Кусо по тоа, во 17.30 часот Нинџа седеше на масата зад мене. Го слушнав како му рече на Кољо: ‘Мислам дека треба да ставиме маски, подрско ќе изгледа’. Извади пари од џебот и му ги даде на Кољо по што се упативме до продавницата ‘Камуфлаж’. Кољо влезе сам и излезе со кеса со маски. Околу 15.30 часот пристигна уште една група од Ѓорче. Од Нинџа разбрав дека биле поранешни членови на СДСМ и дека им рекол доколку не сакаат проблеми, треба да се докажат. Од задниот џеб извади пари и ми рече да докупиме уште 30 маски. Отидовме, купивме уште 30 маски по што се вративме во ‘Дион’. Набргу по тоа, почнаа да пристигнуваат луѓе со маиците. Првин дојдоа од здружението ‘Тодор Александров’, Нинџа ги смести во ‘Дион’, потоа од здружението ‘Ќосето’, тука го видов Горан Ангелов со уште 5 луѓе. Во тие моменти Нинџа замина од ‘Дион’ и рече дека оди да се види со својата сопруга, потоа се врати. Некаде пред 18 часот стигнаа и од здружението ‘Черноземски’, со кои не се знам, го знам само Игор Југ бидејќи се дружев со неговиот покоен син. На стрим од мобилен видовме дека во Собранието се пее албанска химна. Во ‘Дион’ се створи атмосфера на нетрпение, луѓето сакаа да одат на протестите по што Нинџа кажа дека е рано. Некаде околу 18.40 часот, по кус повик, Кољо ни кажа дека Нинџа рекол да тргнеме кон протестите. Одевме во група од 50-ина луѓе, се движевме низ ГТЦ и некаде кај Паркот на жената борец, Кољо рече дека се влага во Собранието, да ставиме маски. Едни ставија, други не.

Се створи метеж пред кабинетот на Трајко Вељаноски. Кољо разговараше со некое лице. Тргнавме со тоа лице кон една стаклена врата, лицето проба да ја отвори со картичка, но Кољо ја скрши. Стигнавме пред прес-салата. Тука Кољо на новинарите им рече да ги спуштат камерите да не снимаат. Кога се свртев кон вратите од прес-салата, забележав лице во цивил со вперен пиштол кон нас. Јас ги кренав рацете и се повлеков назад. По 10 секунди, тргнав назад кон ходникот. Таму го сретнав Мите Питроповски со кого се симнавме долу и сакавме да одиме накај пленарната сала. Кољо се симна по некое време и ни кажа да одиме повторно нагоре. Тргнавме по скалите нагоре, а со нас имаше и други лица, кои не ги познавам. Кога стигнавме пред прес-салата, разбрав дека имало мешаница кога лицето го извадило пиштолот. Видов дека тоа лице на вратот има закачено картичка. Набргу по тоа, тргнавме кон салата ‘Длаборез’ по што повторно се вративме пред прес-салата каде што имаше собраниско обезбедување пред вратите.

Кога излеговме од Собранието, се упативме кон ‘Прометеј’, споменикот во Паркот на жената борец, сите од ‘Дион’ беа таму, меѓу кои и Нинџа и Кољо. Беше и Игор Југ, кој им се лутеше на луѓето со него зашто го оставиле сам. Кај споменикот ‘Прометеј’ беше присутен и Дејан Димовски – Боксер, вработен во УБК, рече да не се секираме бидејќи камери нема, тој ги искршил. Истото лице кажа дека во 22 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба, дека веќе имало поставено војска на патарините и кај Групчин. Но, тоа не се случи. Дејан Димовски – Боксер кажа дека таа информација ја добил од некое лице Синиша што работи кај претседателот Иванов. Кај споменикот ‘Прометеј’, Нинџа ми кажа дека има лица вработени во специјалната единица. Во еден момент се слушна дека група Албанци се собираат и се спремаат да дојдат накај Собранието и дека се вооружени. По тоа, Нинџа отиде да се види со Никола Бошкоски, кој, како што разбрав, е дојден со некое возило кај Градската болница, а во возилото имало оружје, автоматско и полуавтоматско оружје. Го прашав Нинџа што ќе се случи ако дојдат Албанците, тој ми кажа дека и тука има луѓе што знаат да пукаат. Потоа отидовме во ‘Дион’, кафулето беше затворено, но чуварот ни даде гајба сок. Бевме десетина луѓе, меѓу кои Питроповски, Кољо – Нинџа, Никола Бошкоски. Бошкоски беше среќен, не знам од која причина, а Нинџа му кажуваше што се случило. Нинџа потоа рече да си одиме, а наредниот ден ќе се договориме. Од тогаш Нинџа беше во параноја, рече да внимаваме што зборуваме бидејќи сè слушаат и сè знаат“.

Прочитајте повеќе

обвинителство

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка, која на граѓаните …