Стејт Департментот одобри продажба на 54 „Страјкери“ на АРМ за 210 милиони долари

Стејт Департментот одобри продажба на 54 „Страјкери“ на АРМ за 210 милиони долари

Американскиот Стејт Департмент одобри продажба на 54 Лесни оклопни возила (ЛОВ) „Страјкер“ за АРМ, соопштија македонското Министерство за одбрана и американската Агенцијата за безбедносна соработка во одбраната-ДСЦА. Продажбата е дел од големата операција за модернизација на АРМ, во која централен дел се лесните оклопни возила „Страјкер“ и JLTV (Joint light tactical vehicle – здружено лесно тактичко возило, н.з.)

Стејт Департментот одобри продажба на 54 „Страјкери“ на АРМ за 210 милиони долари
Командно возило „Страјкер“ | Фото: General Dynamics Land Systems

Од Министерството за одбрана велат:

Ве информираме дека американскиот Стејт Департмент ја одобри набавката на 54 лесни оклопни возила од типот „STRYKER“ од страна на Владата на Северна Македонија за потребите врзани со модернизацијата на македонската Армија во согласност со стандардите на НАТО.

Оттаму додаваат дека набавката во вкупна вредност од околу 210 милиони долари е продолжување на веќе започнатиот повеќегодишен проект (2019-2024 г.) за набавка на Лесни оклопни возила (ЛОВ) како главен проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС) за модернизација и опремување на Армијата.

Министерството потсетува дека повеќегодишниот проект за опремување и модернизација се спроведува во соработка со Владата на САД преку програмата Foreign military sales (FMS), „при што се користат и американските фондови ERIP, CRIFF и програмата 333 со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25% од вкупната сума“.

Проектот се реализира како договор „Влада со Влада“ со Владата на САД и вклучува набавка од две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа „Oshkosh Defense” и „General Dynamics Land Systems“. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата „Oshkosh Defense” и до сега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија“, наведува Министерството.

Се очекува во првата фаза да пристигнат околу 20 „Страјкери“, а испораката да почне следната година.

Со реализација на овој проект за опремување и модернизација на Армијата покрај исполнување на побарувањата за интероперабилност произлезени од НАТО пакетот на цели на способности, се овозможува Република Северна Македонија да ги проектира и заштити своите витални и национални интереси. Во известувањето на Американската агенција за соработка во одбраната стои дека предложената набавка ќе ја подобри безбедноста на сојузникот во НАТО, што е важна сила за политичка и економска стабилност во Европа, односно ќе ја подобри способноста на Северна Македонија да одговори на сегашните и идните закани со зголемување на оперативните способности, достапноста на силите и унапредувањето на воената соработка“, нагласува Министерството за одбрана.

Стејт Департментот одобри продажба на 54 „Страјкери“ на АРМ за 210 милиони долари
Оклопни возила „Страјкер“ од 56. Страјкер бригада на Националната гарда на САД на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак во 2019 година | Фото: МО

Веднаш по одлуката на Стејт Департментот, со соопштение се јави и американската ДСЦА:

Стејт департментот донесе одлука за одобрување можна воена продажба во странство (Foreign Military Sale-FMF, н.з.на Владата на Северма Македонија на возила Страјкер и придружна опрема за проценета вредност од 210 милиони долари. Агенцијата за безбедносна соработка во одбраната-ДСЦА (Defense Security Cooperation Agency) денес ја издаде бараната потврда со која го извести Конгресот за оваа можна продажба

Во објавата се наведува дека македонската Влада побарала продажба на 54 возила Страјкер во конфигурации М1126 Оклопен транспортер, М1130 Командно возило и М1129 Минофрлачки транспортер (возило за минофрлачка огнена поддршка). Возилата, наведува Агенцијата, се со придружна опрема, сервис и услуги.

„Вклучени се и М2А1 миртралези со калибар .50 (12,7 мм), М6 фрлачи на димни гранати и придружни резервни делови; „Харис“ радија, Општа далечински управувана станица за оружје (Common Remote Operated Weapons Station – CROWS); напреден ГПС приемник; АН/ВАС-5 напреден визир за возачот; резервни делови и компоненти; специјален алат и опрема за проверки; публикации и технички упатства; обука; претставници за теренско одржување; инженериски, технички и логистички услуги од Владата на САД и нејзини изведувачи, и други поврзани елементи на програмска и логистичка поддршка. Проценетата вредност е 210 милиони долари“, наведува ДСЦА во соопштението.

Главниот носител на набавката ќе биде Џенерал дајнамикс ленд системс (ГДЛС), а возилата ќе бидат произведени во неговата фабрика во Лондон, Онтарио, во Канада, од каде што и потекнува оригиналниот Страјкер, варијанта на канадскиот ЛАВ-3.

ДСЦА наведува и каков персонал од производителот и од американската влада ќе дојде во Македонија за поддршка на возилата и обука на македонските возачи и механичари.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …