Јенс Столтенберг

Столтенберг: Нема расправии меѓу САД и Европа

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека биле донесени „важни одлуки“ на вчерашниот прв ден од самитот на Алијансата што се одржува во Брисел. Одговорот на Јенс Столтенберг беше на прашањето дали има докази за јаз меѓу САД и нивните европски партнери. Овие одлуки „ја покажаа силата“ на трансатлантската алијанса, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа е важно во однос на „предизвиците“ во Азиско-пацифичкиот регион.

Тензиите меѓу сојузниците на НАТО се зголемија во минатиот месец кога Австралија објави дека ќе набави американски бродови на нуклеарен погон наместо француски подморници. Овој потег на австралиската влада ја налути Франција, која побара појаснување од Вашингтон за нејзината посветеност кон европските сојузници. Неколку земји-членки на ЕУ изразија солидарност со Франција.

Столтенберг додаде дека НАТО „нема да го пресликува дестабилизирачкото однесување на Русија“ и оти Алијансата „нема намера да распоредува нови копнени нуклеарни ракети во Европа“. Падот во односите доаѓа по анексијата на Кримскиот Полуостров од страна на Москва во 2014 година и поддршката за сепаратистички бунт во источна Украина.

Претходно овој месец, НАТО ја повлече акредитацијата за осум руски функционери во седиштето во Брисел, велејќи дека верува оти тие тајно работеле за руското разузнавање. Русија ги отфрли обвинувањата како неосновани и одговори со прекинување на мисијата во НАТО и со наредба за затворање на канцеларијата на алијансата во Москва. Кремљ постојано изразува загриженост поради распоредувањето на силите на НАТО во близина на руските граници, опишувајќи го како закана за нејзината безбедност.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …