Со концерт на млади музичари, дружба и потпишување на петиција, голем број млади луѓе денеска го искажаа својот револт од последните случувања во Младинскиот културен центар во Скопје, како кратењето на буџетот и поставувањето дипломиран детектив за директор, без искуство во културата.
Меѓу присутните беше и музичарката Дина Јашари, која имаше свој настап на платото пред МКЦ.
„Тука сум порасната. Во МКЦ од мала имам свирено во мандолинскиот оркестар и сега се бавам со авторска музика, цело време настапувам, на 50-годишнината на МКЦ… Ова е многу важно место за мене и сметам дека е голема неправда тоа што се случува и нема место за политика во културата“, изјави младата музичарка.
Протестниот настан го организираше колективот „Гола планина“, а на репертоарот беа десетина млади бендови кои со својот настап дадоа поддршка за институцијата која важи за столб на независната култура во главниот град.
Присутните потпишуваа и петиција „за спас на МКЦ“.
Вработените во МКЦ се револтирани бидејќи годинава е скратен буџетот на МКЦ за 92%, мета се на притисоци, финансиски инспекции и ревизии на нивната работа.
Работите кулминираа неделава, кога дега веќе разрешениот в.д. директор и долгогодишен вработен во МКЦ, Ванчо Богоев, јавно посочи дека од Град Скопје му било вршено притисок да потпише вработување на Бени Шаќири, па откако одбил да го стори тоа на неговото место бил поставен дипломираниот детектив, со неколку дена работно искуство во МКЦ.
Новиот директор е назначен од градоначалничката Данела Арсовска, под чии ингеренции е културната установа. МКЦ лани прослави половина век од своето постоење.
Извор: Радио Слободна Европа