Стразбур ќе го каже последниот збор за аболицијата на Иванов

Стразбур ќе го каже последниот збор за аболицијата на Иванов

Станува збор за повеќе предмети во кои се засегнати поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Експертите со внимание ја следат одлуката, со која судот треба да пресече дали има повреда или не со укинувањето на аболицијата.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) денеска треба да пресече околу сагата со аболицијата на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов. Станува збор за повеќе предмети во кои се засегнати поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а за кои во тек се судски предмети и во земјата. Експертите со внимание ја следат одлуката, со која судот треба да пресуди дали има повреда или не со укинувањето на аболицијата. Според нив, од оваа одлука ќе зависат понатамошните обврски на државата и како тоа ќе се отслика на целокупната политичка ситуација во земјата.

Кој стои зад апликацијата?

Предметот во Судот се води како „Талески и други против Северна Македонија“. Во објавата на судот во Стразбур се наведува дека подносители на жалбата се седуммина македонски државјани, како и еден Македонец кој има и албанско државјанство. „Тие беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени“, наведува судот во објавата на нивната веб-страница.

Ѓорге Иванов
Поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година донесе одлука за амнестија на функционери на ВМРО-ДПМНЕ

Зад апликацијата всушност стојат Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други, коишто беа опфатени со аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а се обвинети во предметите кои ги отвори поранешното СЈО. Тие доставија жалба до Стразбур во 2017 година, во која се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена. Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата „Таргет-тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Државата, како тужена страна, сметаше дека помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа.

Важен ден за законитоста

Поранешната судијка во ЕСЧП, Маргарита Цаца Николовска во изјава за МИА вели дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур не носи негативни или позитивни пресуди. Но, денешниот ден, кога треба да се објави одлуката за случајот со поништената аболиција на Иванов е важен ден за тоа што значи законитост. Според неа, се понатаму зависи од тоа што ќе биде наведено во самата одлука и што ќе биде обврска на државата или како тоа ќе се реперкусира на целокупната политичка ситуација во државата.

„Стразбур носи пресуда во која што се утврдува дека има повреда или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види во што е таа повреда, дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална тогаш странките имаат можност да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони“, вели Николовска.

Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата „Таргет-тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за ТВ24 деновиве предупреди дека постои и можност да застарат некои кривични дела додека тече времето на жалба во Стразбур. „Државата требаше да забрза да добие одлука од судот во Стразбур, затоа што сега доаѓаме до една ситуација, ако добиеме ваква или онаква одлука ќе мора да почекаме жалба, но настапува и тече времето на застареност. Утре дел од кривичните дела ќе бидат застарени и тука завршува постапката без оглед на одлуката на судот во Стразбур“, изјави Давидовиќ.

Спорна аболиција

Се започна во 2016 година кога поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов на 12 април донесе одлука за амнестија со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Иванов одлуката ја соопшти на прес-конференција во неговата резиденција. Тврдеше дека неговата одлука е во интерес на државата.

„Свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и на нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано – да се пресече јазолот“, рече тогаш Иванов.

протести помилувања Скопје
По силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата

Одлуката, која според поранешниот шеф на државата имаше намера „да придонесе во решавањето на кризата, за релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи“, предизвика сериозни турбуленции во кревкото македонско општество и доведе до масовни протести. Одлуката на Иванов следеше откако претходно Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, кој му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.

Иванов аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. По неполни два месеци, тој ја поништи одлуката за аболиција, а по силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.

Уставниот суд во 2020 година го затвори прашањето за поништената аболиција на Иванов и го отвори патот за процесирање на судските постапки кои против повеќемина функционери ги започна СJO. Со 5 гласа „за“ и 3 „против“, судиите одлучија дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбираше дека не постои пречка да им се суди на функционерите.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …