Студентски манифест: Се бара бесплатно образование, подобар стандард, дигитализација, автономија

Студентски манифест: Се бара бесплатно образование, подобар стандард, дигитализација, автономија

Меѓу другото, Студентскиот манифест предвидува измена на законите за да се овозможи редовните студенти да стапат во редовен работен однос или во работен однос со скратено работно време, со што ќе добијат можност за заработка додека студираат. За студентите кои се во работен однос се бара да бидат ослободени од данок на доход

Универзитетските студентски собранија од пет државни и еден приватен универзитет денеска го претставија документот Студентски манифест за афирмација на студентскиот глас, студентските предизвици и соочувањето со иднината.

Манифестот содржи седум клучни цели: Бесплатно образование, Квалитет наспроти квантитет, Национално студентско собрание, Студентски стандард, Интернационализација, Дигитализација и Автономија – за кои студентите бараат усвојување од страна на државата.

Манифестот, се вели во него, се потпира на Студентската декларација донесена пред неколку година и со него се оддава почит на вложените напори на тогашните универзитетски собранија.

Во делот „Бесплатно образование“, студентите бараат, согласно праксата во регионот, да се воведе нов систем на финансирање на високото образование со што истото ќе биде бесплатно за студентите на прв циклус студии.

„Владата во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и членовите на Интеруниверзитетската конференција (вклучувајќи ги и студентите) ќе работат на изготвување на стратешки документ кој ќе овозможи нов систем на финансирање на високото образование согласно праксата во регионот“, се вели во Студентскиот манифест.

Понатаму, се бара сеопфатна евалуација на постоечките студентски програми на универзитетите и преиспитување на потребата од постоењето на истите.

„Интердисциплинарноста е носител на реформаторската визија за високото образование на иднината. Од тука, како фундаментална се јавува потребата за академска заедница која нуди иновативни студиски програми со заедничка (joint) диплома и двојна (double) диплома. Истите, треба се понудени на три нивоа: во самите едници на секој универзитет, во универзитетите на национално ниво и во универзитетите на регионално и меѓународно ниво“, пишува во Манифестот, во кој се додава дека е потребно вложување на финансиски и инфраструктурни средства во наставата и научно истражувачката работа.

Покрај ова, се бара измена на законите за да се овозможи редовните студенти да стапат во редовен работен однос или во работен однос со скратено работно време, со што ќе добијат можност за заработка додека студираат. За студентите кои се во работен однос се бара да бидат ослободени од данок на доход.

Манифестот содржи и дел во кој се предвидува измена на Законот за високо образование, со цел да се формира Национално студентско собрание во кое ќе членуваат универзитетските студентски собранија на универзитетите во земјава, согласно европската пракса според која во секоја држава има национално студентско тело.

Во делот „Студентски стандард“, студентите се залагаат за почитување на роковите за реконструкција на деветте студентски дома согласно проектот потпишан меѓу МОН и Германската развојна банка, анализа и надградба на мерката Субвенциониран студентски оброк и имплементација на долгорочно решение, продолжување на мерката ваучери за меѓуградски превоз, бесплатен јавен градски превоз за студентите на сите три студиски циклуси, зголемување на инзосот на стипендиите согласно растот на инфлацијата и развивање на културно-забавен и спортски живот на универзитетите.

Во делот „Интернационализација“ се бара изготвување на стратегија за привлекување на поголем број странски студенти во земјава, преку поедноставување на административните процедури, склучување билатерални договори и еднакви услови и права со домашните студенти.

Студентите во својот манифест бараат почитување на зададените рокови во кои е предвидена целосна дигитализација на административните процеси во сите високообразовни институции.

Последната точка од Студентскиот манифест е „Автономијата“, во која се бара поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање на студиски програми.

Потписници на Студентскиот манифест се универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот на Југоисточна Европа, „Мајка Тереза“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Не се откажуваме, заедно со граѓаните ќе обезбедиме сигурна и просперитетна европска Македонија

Ковачевски: Не се откажуваме, заедно со граѓаните ќе обезбедиме сигурна и просперитетна европска Македонија

„СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе …