Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување

Случајот со апсењето на врховниот судија Наке Георгиев следело по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираа од Јавното обвинителство.

Георгиев е уапсен, а донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик. Второто лице за кое е поведена постапка е Иџет Мемети, поранешен народен правобранител и ексминистер за правда.

„Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи“, велат од Јавното обвинителство.

Инаку, според сознанијата добиени од пријавителот, врховниот судија Георгиев користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

„Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од обвинителството.

Георгиев во текот на денот треба да биде изведен пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучи дали ќе му биде изречена мерка притвор.

Според првичните информации, станува збор за поткуп од 10.000 евра.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …